Натпреварот можеше да има поинаков тек доколку Дејан Блажевски на самиот почеток, во 3’ минута од 30 метри наместо стативата ја погодеше мрежата со силен удар. Набрзо Розенборг презеде иницијатива и најчесто се закануваше преку Никлас Бендтнер. Во 16’ минута и Бобан Николов имаше добра можност но не ја искористи.
После 25 минути игра стоперот Висар Муслиу кој вечерва го заменуваше повредениот Новак, направи прекршок кој бугарскиот судија Кебаков го оцени за пенал.
Прецизен од белата точка беше некогашниот фудбалер на Арсенал и Јувентус, Данецот Бендтнер за 1-0 како што заврши првиот дел.
Почетокот на вторите 45 минути минаа во послободна игра на Вардаровите играчи кои создадоа неколку шанси а најзрела беше онаа на Барсегјан кога домашниот голман одбрани. 11 минути игра во второто полувреме му требаа на норвешкиот состав да ја дуплира предноста. Конрадсен со страшен шут го совлада Филип Гачевски.
Вардар се обидуваше преку контри и полу-контри но тие завршуваа на средината од теренот. Барсегјан одново проба одблизу но Хансен исфрли во корнер. Малку потоа новиот играч на теренот Бесар Исени имаше одлична шанса од 14-15 метри но Мелинг со крајни напори ја извади од гол линија.
Во 68’ минута „Лорд“ Бендтнер со пета маестрално додаде до Хеденштад кој можеше да бира каде ќе шутира во небранетиот гол на Гачевски.
Историскиот прв гол за Вардар во групна фаза од едно европско натпреварување го постигна Хуан Фелипе кој фантастично го лобуваше домашниот голман за конечни 3-1.
Следниот дуел Вардар го игра дома против Реал Сосиедад на 19. октомври од 19 часот. Шпанците вечерва загубија од Зенит со идентичен резултат како Вардар.
Табела:
1. Зенит 6
2. Розенборг 3
3. Реал Сосиедад 3
4. Вардар 0