Сенегал – Брегот на Слоновата коска (2012)
Само еден досуден пенал во корист на Брегот на Слоновата коска, ги разбесни домашните навивачи. Сенегал по 15 минути игра губеше со 2:0, откако Дрогба погоди од белата точка. Навивачите на Сенегал почнаа да прават нереди, a гостинските фудбалери го напуштија теренот со полициска придружба. Сенегал доби забрана за натпреварување во следната сезона на Африканскиот куп на нации.
Италија – Србија (2010)
Квалификацискиот меч за ЕП 2012 одигран во Џенова мина во знакот Иван Богданов кој беснееше на трибините. Мечот доцнеше 40 минути бидејќи српските навивачи се обидуваа да ја срушат оградата, а кулминацијата се случи на 7 минути до крајот кога почнаа да фрлаат бакљи на теренот. Мечот беше прекинат, Богданов заврши во затвор, а Италија победи службено.
Данска – Шведска (2007)
Овој квалификациски меч за ЕУРО 2008 заврши во 89 минута откако судијата се откажа од судење бидејќи беше нападнат од навивач на Данска. Домаќините прокоцкаа предност од 3:0 и на крајот беше 3:3, а црвен картон за удирање противник доби Кристијан Пулсен кој всушност предизвика и пенал. УЕФА трите бода и ги даде на Шведска.
Франција – Алжир (2001)
Ова беше прва средба откако француската колонија се отцепи и во 1962 година доби независност. Натпреварот требаше да биде пријателски, но заврши во 77 минута при резултат 4:1 за Французите откако навивачите влетаа на терен.
Зимбабве – Јужна Африка (2000)
Квалификацискиот дуел за СП 2002 помеѓу овие две африкански селекции заврши со фатален крај. Гостите водеа со 2:0, а откако радоста на Делрон Бакли предизвика реакција кај публиката, полицијата мораше да смирува со солзавец. Во навивачката толпа 13 луѓе не ги преживеаа турканиците.
Република Ирска – Англија (1995)
Со оглед на историјата меѓу двете земји, квалификацискиот меч за ЕУРО 96 не се очекуваше да мине баш мирно. Навивачките групи си ги исвиркуваа химните, а најголемиот бес се случи откако Дејвид Кели постигна гол за Ирска. Англиските навивачи почнаа да фрлаат што најдат на теренот, а судијата го прекина мечот. Вкупно 50 гледачи беа повредени.
Египет – Алжир (1989)
Египет го порази Алжир со 1:0, а тоа беше клучен меч за Мундијалот 1990 година. Актери во неславното трето полувреме беа гостите и тоа самите фудбалери кои го нападнаа судијата на кој му беа потребни 8 минути за да го напушти теренот. Еден од гостинските играчи го удри докторот на селекцијата на Египет и го ослепе на едното око.
Бразил – Чиле (1989)
За пласман на Светското првенство во Италија, фудбалерите на Чиле мора да победат, но откако во второто полувреме губеа 1:0, од трибините летна факел во нивниот голман, а фудбалерите на Чиле од страв го напуштија теренот. Подоцна се покажа дека тој не бил погоден, туку се исекол со жилет кој го чувал во ракавиците. ФИФА му даде забрана на Чиле за настап на Мундијалите во 1990 и 1994 година.
Англија – Шкотска (1977)
Да го победиш големиот ривал на гости и тоа на еден од најпознатите стадиони во светот Вембли е момент за историја. Гостинските навивачи беа во делириум, а полицијата немаше никакви шанси да ги спречи по завршувањето на мечот. Некои Шкотланѓани и денеска се фалат дека чуваат трева од таа славна победа.
Перу – Аргентина (1964)
Една од најголемите трагедии во историјата на фудбалот се случи во Јuжна Америка пред 50 години. На Перу му требаше победа за да се пласира на Олимписките игри, а двајца домашни навивачи во знак на протест поради една судиска одлука влетаа на терен. Едниот доби ќотек од полицијата, а потоа од трибините почнаа да летаа ракети. Полицајците им одговорија со солзавец, а навивачите не можеа да избегаат бидејќи вратите беа заклучени. Црниот биланс изнесуваше 328 жртви.