Политичко циркузантска ВАР епизода во Кувајт

Го знаете она, се игра додека не победи домаќинот? Епа во Кувајт во ситуацијава важи за гостинот, а средбата без срам и перде ја решава главниот судија кој успеа да ја победи ВАР технологијата и да си го извалка угледот за сите пари.

Ситуацијата е комична, апсурдна и криминална, а се случува во кувајтскиот шампионат на дуелот Ал Сахел – Ал Кувајт, каде гостинот мора да победи по секоја цена, па ако треба ќе се свирне пенал за фаул и надвор од шеснаесетник.

Се ближи крајот на мечот, а гостите се во неволја бидејќи губат 2:1, но се до 87-ма минута кога го израмнуваат резултатот и најавуваат драма во судиско до сега невидена и плус политичка.

Во 98-ма минута еден од гостинските играчи во обид да нафрли ја промашува цела топка и паѓа на земја, ама онака комично како за најсмешно видео инсерти.

Потоа на сцена стапува судијата кој веднаш без размислување покажува на белата точка. За срамот да биде поголем, баналниот пад оди да го гледа и на ВАР снимка. Го гушка мониторот за да не ѕиркаат другите и по кусо време убеден во својата одлука, само ја потврдува.

Гостите го изведуваат пеналот во 11-та минута од продолжението за конечни 2:3.

За да ви се разјасни оваа лакрдија, доволно ви е само следново инфо. Газдата на Ал Кувајт по име Калид Ал Ганим е политичар и член на парламентот.

А овој од Охрид го видовте?

2 февруари 2021 - 16:19