Семејната ситуација на Пол Гаскоњ не одела на добро, а малиот Газа на 10 години одблизу ја сретнал смртта кога пред него со камион за сладоледи било прегазено другарчето на брат му, Стивен Спрагон.
Додека татко му заминал на печалба во Германија, малиот Пол плачел и трпел меѓу четирите ѕида од сиромашната куќа и набрзо се здружил со делинквентите од населбата. Почнал да обива продавници и да игра на слот апаратите во локалните казина. Фудбалот му бил најголема љубов, а на часовите по географија, Пол зборувал дека ќе стане познат фудбалер и ќе игра по светот.
ЊУКАСЛ
Првите проби ги имал во Ипсвич, Мидлзброу и Саутемптон, а на крајот го вдомува Њукасл. На 15 години се спријателува со тренерот на младинската школа, Колин Саџет кој уживал во водката донесена од Пол. Токму во Њукасл му го дале прекарот Газа. Во финалето на младинскиот ФА Куп го дава победничкиот гол против Ватфорд, по што го прекомандуваат во првиот тим.
За Њукасл, Пол Гаскоњ ќе настапи на 107 натпревари и ќе постигне 25 голови. Во сезоната 1987/1988 е избран за најдобар млад играч во Премиер лигата. Го бара Манчестер Јунајтед, Пол Гаскоњ му ветува на Фергусон дека ќе дојде, но на крајот завршува во Тотенхем за рекордна сума од 2,3 милиони фунти. Сер Алекс Фергусон подоцна ќе признае дека најголема жал во кариерата му останува за тоа што не го довел Газа во Јунајтед.
МАГИЧНИТЕ НОЌИ
Под водство на Тери Венејблс ќе експлодира целиот талент на Гаскоњ. Навивачите го обожаваат, головите ја доведуваат публиката до лудило. Противничките навивачи го мразеа, му фрлаа Марс на теренот, му пееја дека е дебел и валкан, но тој им враќаше со насмевка. Селекторот на Англија, Боби Робсон изјавил дека не видел поголем лудак од Гаскоњ, но и покрај тоа го зема на Мундијалот 1990. година во Англија, каде Газа ќе остане запаметен по созлите после мечот со Германија во полфуналето.
Со Тотенхем Спарс беше шести во првенството, па трети и во следната сезона го освои ФА Купот против Нотингем Форест, но во финишот на мечот Гаскоњ доживеа страшна повреда.
ГАЗА МЕЃУ ОРЛИТЕ
И покрај ужасната повреда во финалето на ФА Купот, Лацио имаше трпение и го ангажираше Гаскоњ летото 1991. година за околу 8 милијарди стари лири. На 23. август аеродромот во Фиумичино бил преполн со навивачи, новинари, камермани, фотографи на секој агол. Карабинерите едвај ги спречиле навивачите во намерате да го кренат на раце својот нов идол.
Гаскоњ во Вечниот град пристигнал со два пара Реј-Бан наочари и 8 горили од обезбедувањето. Од црниот долг Мерцедес Гаскоњ ќе се појави на Олимпико. Во дресот на Лацио забележи 47 настапи и шест голови во три години. Освен евроголот против Рома во дербито играно на 29 ноември 1992. година, Гаскоњ немал многу голема кариера во Лацио.
Проблемите со коленото, Гаскоњ ги решавал по дискотеките во Рим, каде дополнително го повредиле во една тепачка.
ГАСКОЊШТИНИ
„Еднаш се обидов да го запрам да не излегува, но замина од карантинот затоа што дошла девојка му во саботата. Следниот ден, во неделата имавме натпревар и јас седев со еден помошен тренер во хотелскиот ресторан. Наеднаш Гаскоњ се појави гол и ми рече Шефе сте ме барале? Не со влечки или пешкир на него, туку потполно гол. Не го ставив во игра, но како да му се лутите на таков лудак?“, изјави Дино Ѕоф некогашниот тренер на Пол Гаскоњ во Лацио.
На гостувањето во Пуља, Гаскоњ седел напред во автобусот и тивко читал Дејли Мејл. Автобусот во еден момент влегол во темен тунел од 1 километар. Кога излегле на виделина, Гаскоњ и натаму читал весник, но потполно гол.
Проблеми со Гаскоњ имал и Зденек Земан. Чехот една вечер решил да влезе во еден ноќен бар во Рим и го нашол Гаскоњ, облечен како кловн со шише Џин во раката.
РЕНЏЕРС
Откако ја скршил натколеницата во еден дуел со Алесандро Неста, пролетта 1995 година Гаскоњ се враќа во Британија, поточно во Глазгов. Потпишал со Глазгов Ренџерз, со кој ќе освои 2 титули, 1 Шкотски куп и 1 Лига куп. Ослабнал 14 килограми, а меѓу најдобрите другари му бил Џенаро Гатузо, соиграч во Ренџерс.
„Гаскоњ ми помагаше. Еднаш ме однесе во бутик и ми купи ново одело и кравата. Ми кажа дека ги платил клубот, а всушност тој ги платил. Секојдневно правеше циркуз, но тоа нема да му го заборавам“, изјави во една прилика Гатузо.
Газа ја кренал Шкотска на нозе, по едно дерби меѓу католиците од Селтик и протестантите од Ренџерс. Отишол под трибината на навивачите на Селтик и се правел дека свири флејта, со која ги потсеќал противниците на годишното дефиле на протестантите од Северна Ирска. Сакале да го убијат и му праќале смртни закани после тоа дерби.
ШЕРИЛ
„Гаскоњ мислеше само на секс. Понекогаш не можев, но залудно беше. Не престануваше и за него десет пати на ден беше нормално“, изјави во една прилика поранешната жена на Газа, Шерил Фејлс.
Газа толку пати ја удирал (така тврдела Шерил), што на локалните полицајци им додеало да го апсат секојдневно. На денот на свадбата со Шерил, Гаскоњ се појавил со бел Кадилак долг 9 метри. Од бракот со Шерил го има синот Реган.
КОКАИН
Пред почетокот на Евро 1996, Газа дневно влечел по 16 линии кокаин и пиел домашно виски. Следуваше агресија кон папараците, тепачка со противнички навивачи, депресија, опсесивно-компулсивни пореметувања, тупаниџи на сопругата и дури 12 обиди за рехабилитација од алкохол.