Пол Погба го виде најновиот спот на УЕФА направен за кампањата „Еднаквост за сите“, но за разлика од другите негови колеги, тој не му испрати само поддршка на Јане, туку и негов дрес од Манчестер Јунајтед и покана да биде гостин на Олд Трафорд на меч од Лига на шампиони.
„Кога Јане го доби дресот од Погба веднаш му испрати видео порака во која му заблагодарува. Луѓето од УЕФА кои ја водат кампањата ‘Еднакви на терен’ наредниот ден не поврзаа со менаџерот на Погба кој го покани Јане во името на Погба да биде негов гостин и да следи натпревар на Манчестер Јунајтед. Јане е пресреќен“, вели Деница Велковска, мајката на Јане.
Сè уште не е познато на кој меч од ЛШ Јане ќе замине на Олд Трафорд. Дали тоа ќе биде утревечер против ЦСКА Москва или можеби на осминафиналето следната година, каде Јунајтед има обезбедено пласман.
9 годишниот Јане Велковски кај кого е дијагностицирана Спинална Мускулна Атрофија, ги освои срцата на многу фудбалери, покажувајќи храброст дека и со хендикеп може да се игра фудбал.
На манифестацијата „Најдобри во македонскиот фудбал“, тој ги собра најголемите аплаузи. ФФМ му подари часовник, а Елиф Елмас кој беше прогласен за најдобар млад играч за 2017-та, му даде дрес со кој настапувал на Европското првенство У-21.