Високиот претставник на УЕФА, Теодор Теодоридис кој е одговорен на одделот за соработка со националните сојузи, во јануари годинава го посети Скопје и се запозна со кандидатурата ФФМ, Градот Скопје и арената „Филип Втори“ да бидат домаќини на Супер купот во 2017 година.
Според пишувањата на Екипа, Македонија е блиску до одржување на еден ваков голем фудбалски спектакл кој сепак сè уште не е официјално потврден ниту во ФФМ, ниту во јавноста.
„Теодоридис даде позитивни оценки за нашата кандидатура, а она што треба да се доврши до 2017 година се изградба на посебни влезови за источна и западната трибина, потоа фасадата на стадионот, подрибинскиот простор, официјалните простории, зголемување на паркинг местата, а до 2017-та се очекува да бидат завршени и хотелските капацитети во Скопје. За дел од овие работи е одговорна државата“, вели за Офф.нет.мк, портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
По одржувањето на 15-те изданија во Монако кои се одиграа од 1998 до 2002 година, судирот меѓу победникот на Лигата на шампионите и Лигата на Европа почна секоја година да се одржува во различен град.
Во 2013-та Прага ги нагости Баерн Минхен и Челси, натпревар кој по регуларните 2:2, Германците го добија на пенали. Лани се одржа во Кардиф, а со головите на Роналдо, Реал Мадрид славеше 2:0 против Севиља.
Годинава повторно ќе гледаме шпанска пресметка во која Севиља е повторно финалист овој пат против Барселона, натпревар кој е закажан за 11 август во Тбилиси, Грузија.
Она што сигурно нема да претставува пречка за одлуката во 2017-та е капацитетот на нашиот стадион кој собира околу 33.000 гледачи. Идната година овој дуел ќе се игра во Трондхејм, на стадионот Леркендал на кој игра Розенборг и кој има капацитет од 21.166 седишта, втор по големина во Норвешка.