Платини контра Блатер и технологијата

Претседателот на УЕФА, Мишел Платини го потврди својот став со кој тој се спротиставува на воведување на нови технологии во фудбалот и се надева дека Блатер ќе го промени своето мислење.

Тестирањето на технологиите „око соколово" и „гол-реф" влегува во завршна фаза, а Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) на 2. јули во Киев треба да ја донесе конечната одлука.

Но претседателот на УЕФА, Мишел Платини не е задоволен со ваква голема промена на најважната споредна работа на светот.

Јас сум против технологијата. Ако го дозволиме воведувањето на технологијата на гол-линијата, потоа ќе треба технологија за офсајд, па технологија за шестнаесетникот и на крај ќе го стопираме фудбалот", изјави Платини.

Пред почетокот на Светското првенство во Јужна Африка, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер беше еден од главните противници на воведувањето на видео технологијата во фудбалот. Тој тврдеше дека оваа промена може да ја загрози спонтаноста и шармот на играта.

Но, по поништениот гол на Френк Лампард на натпреварот помеѓу Англија и Германија, Блатер го промени своето мислење. Тој наеднаш стана еден од главните поборници за воведување на видео технологијата во фудбалот.

Блатер неодамна изјави дека до почетокот на Светското првенство во 2014-та година новата технологија веќе ќе биде во употреба, но Платини се надева деке ќе успее да го предомисли.

Минатата година тврдеше дека е против технологијата, а оваа година тој е за технологијата. Се надевам дека следната година тој повторно ќе го промени мислењето", додаде Платини.

21 мај 2012 - 13:17