Видео технологија во фудбалот?

На натпреварот од Премиер лигата помеѓу Болтон и КПР, судиите повторно не видоа чист гол по што Фудбалската асоцијација на Англија побара забрзано имплементирање на видео технологија во фудбалот. Дали на фудбалот му е потребна ваква голема промена и дали таа треба да се применува само на гол линијата или и за други спорни ситуации?

Болтон извојува важна победа во борбата за опстанок, совладувајќи го Квинс Парк Ренџерс со 2:1, на натпревар кој беше одбележан со катастрофални одлуки на судиите.

При резултат 0:0, по еден центаршут од левата страна, Клинт Хил биеше со глава, а голманот на Болтон, Адам Богдан ја извади топката од голот. Судиите не видоа погодок и покрај тоа што топката ја имаше поминато гол линијата за половина метар.

Пред почетокот на Светското првенство во Јужна Африка, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер беше еден од главните противници на воведувањето на видео технологијата во фудбалот. Тој тврдеше дека оваа промена може да ја загрози спонтаноста и шармот на играта.

Но, по поништениот гол на Френк Лампард на натпреварот помеѓу Англија и Германија, Блатер го промени своето мислење. Тој наеднаш стана еден од главните поборници за воведување на видео технологијата во фудбалот.

Верувам дека ќе ги убедам челниците на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) дека мораме да и веруваме на технологијата, а не само да чекаме да видиме што ќе се случи. Не сакаме реприза од Светското првенство. Платини не ја сака технологијата, но јас би умрел ако повторно бидам сведок на ситуација каква што се случи на СП во Јужна Африка", изјави Блатер.

Убедувањата на Блатер вродија плод.

ИФАБ дозволи понатамошно тестирање на системите „око соколово" и „гол-реф". Технологијата „око соколово" веќе се користи во тенисот и крикетот и таа е базирана на снимки од повеќе камери, а „гол-реф" користи магнетно поле и специјална топка за разрешување на спорните ситуации за тоа дали топката ја поминала гол линијата или не.

Видео технологија и за други спорни ситуации?

Главната улога на натпреварот одигран пред две недели помеѓу Милан и Јувентус ја имаа судиите. Во првото полувреме му беше поништен чист погодок на Мунтари, а во второто полувреме судиите му поништија и погодок на Матри заради сомнителна офсајд ситуација.

По натпреварот, тренерот на Јувентус, Антонио Конте и поранешниот член на Милан, Звонимир Бобан имаа жестока дискусија на Sky Sports Italia.

Бобан изјави дека поништениот гол на Милан имал поголемо влијание на крајниот резултат од оној на Матри. Поентата на Бобан беше дека двете судиски грешки не се еднакви, на што Конте возврати:

Не можам да прифатам дека ги споредуваш ситуациите и можеш да кажеш дека една грешка била поголема од другата. Двата гола беа погрешно поништени и затоа двете грешки се еднакви. Зошто нашиот гол е помалку важен од оној на Милан? Нема разлика. И двете одлуки се грешни."

Сепак, двете грешки не се еднакви затоа што поништениот гол на Матри навистина беше сомнителен. Како што може да се забележи од сликата, во моментот кога е додадена топката, помошниот судија можеби ја донесе вистинската одлука и не треба многу да се обвинува.

Од друга страна пак, нема сомневање дека топката при голот на Мунтари навистина ја помина гол линијата.

Воведувањето на видео технологијата на гол линијата најверојатно ќе биде одобрено веднаш по завршувањето на Европското првенство и ќе почне да се применува веќе од 2013-та година.

При преминување на топката на гол линијата, сензорите на гол линијата за помалку од една секунда ќе испратат сигнал до судијата и тој веднаш би знаел дали навистина бил постигнат гол или не.

Но што би се случило при спорна офсајд ситуација на пример? Во таква ситуација четвртиот судија би прегледувал неколку видео снимки за да оцени дали е офсајд или не и дури потоа да го извести главниот судија. Дали би сакале играта да има вакви паузи од минимум 30 секунди при секоја спорна ситуација?

Од друга страна пак што ако еден гол од ваква спорна офсајд ситуација директно влијае на елиминација на вашиот омилен тим од некое натпреварување, влијае на финалето на Лигата на шампиони или пак на Светското првенство?

Дали на најважната споредна работа на светот му е потребна ваква голема промена и дали веќе ако се воведува видео технологијата, таа треба да се применува само за гол линијата или и за други спорни ситуации како на пример за офсајд?

Вашето мислење можете да го оставите во коментарите под оваа статија или на нашата Facebook фан страна.

10 март 2012 - 21:50