Пирло го тужи двојникот кој лажно се претставувал и земал роба од бутици

Еден од најдобрите италијански фудбалери на овој век, кој пред неколку години ја заврши кариерата, го дал на суд Алесандро Палацоло, 48-годишен златар од Валенца кој присвојувал добра во негово име.

Алесандро Палацоло, човекот кој фингирал дека е некогашниот фудбалер на Милан, Интер и Јувентус, цели две години бесплатно земал гардероба и накит во бутиците, претставувајќи се лажно.

Како што пишува Gazzetta dello Sport, полицијата отворила случај откако Пирло се обратил на суд затоа што сопствениците на неколку бутици барале од него да си ја плати робата која што редовно ја зема под изговор на славата.

Полицијата утврдила дека двојникот на Пирло измамил неколку газди на елитни бутици во Торино, Бреша и Неапол. Тој постојано барал и попуст и работел преку посредник.

Самиот Палацоло никогаш не се појавил во продавниците, тој разговарал со сопствениците по телефон, се претставувал како Андреа Пирло и договарал дека за облеката и накитот ќе ја прати својата помошничка. Таа на газдите секогаш им пренесувала иста порака: „Андреа ќе се погрижи за сметките, без гајле“. Секако дека Пирло немал појма за ова, а газдите никогаш не ги добиле своите пари.

Преварантот Алесандро често се слушал и со докторот на Пирло и успеал да договори медицински прегледи во неговата клиника. Понекогаш се претставувал и како братучед на легендарниот италијански репрезентативец.

Полицијата во Торино го задржала Палацоло и неговата помошничка благодарение на прислушкувани разговори како и докази од сопствениците и сведоците. Нив двајца сега ги чека долга затворска казна.

А СО ШТО СЕ ЗАНИМАВА ПРАВИОТ ПИРЛО?

Легендата на Јуве и Милан ја заврши кариерата на крајот од 2017 година. Тој има 40 години и посетува курс за тренерска лиценца во Коверчано.

Во останатото време тој обично го прави истото она што и секој познат фудбалер по завршување на кариерата: учествува на хуманитарни натпревари, патува по светот, понекогаш работи како стручен коментатор на телевизија.

„Не жалам по фудбалот. Најдов одличен момент да ја завршам кариерата. Работам како телевизиски експерт, но ми остана време и за себе. Сакам да бидам со семејството, со пријателите. Посетувам тренерски курс. Во септември ми останува да ја завршам последната лиценца а потоа ќе можам веќе самостојно да работам“, вели Пирло кој ќе го следи примерот на неколку негови соиграчи како Неста и Гатузо кој веќе неколку години се тренери.

19 јуни 2019 - 10:29