Петте минути на Падерборн, Еибар и Лестер

Германскиот клуб е првопласиран во дебитантската сезона во Бундеслигата, Еибар игра одлична сезона на малиот стадион, а Лестер ги запре Евертон, Арсенал и Јунајтед.

ПАДЕРБОРН

Со голот за Гинис oд 83 метри, Мориц Стопелкамп во дербито против Хановер ги постави конечните 2:0 и новиот прволигаш Падерборн на тој начин остана лидер во Бундеслигата. Падерборн во моментов има 8 бода како Мајнц, Баерн Минхен и Хофенхајм и е најпријатно изненадување во фудбалска Германија. Стопелкам е воедно и најскапиот играч на Падерборн (дојде за 600 илјади евра од Минхен 1860).

Сепак, името на Падерборн не се памети по добро, затоа што во 2004-та година по дуелот со Хамбургер во купот избувна најголемиот скандал за наместени натпревари. Клубот се ресетираше и со нова управа и стручен штаб лани обезбеди пласман во Бундеслигата. Годинава ја почнаа со скромен буџет од 1 милион и 600 илјади евра. Екипата е составена претежно од играчи родени во Германија, а единствени странци се Шпанецот Рафаел Лопез, Босанецот со германски пасош Марио Вранчиќ, Елиас Качунга од Конго (игра за Германија У-21) и Алжирецот Идир Уали

„Бентелер“ арената во Падерборн има капацитет од 15,000 гледачи, а на неа фудбал не може да се игра по 22:00 часот, затоа што градот одлучил дека не сака бука навечер, па така Падерборн нема да игра во вечерен термин. Голем дел од навивачите на новиот бундеслигаш на стадионот одат со велосипед и пред стадионот има места за 2,000 велосипеди, а клубот основал и мала група „Kids club'', составена од деца од 5 до 14 години, кои со своите наставници одат заедно на гостувањата на Падерборн.

Одлично се претставија во првите 4 кола, немаат пораз и ги израдуваа 140 илјади жители на ова мало градче. Целта им е опстанок во Бундеслигата, а вечерва (20:00) гостуваат на „Алианц Арена“, на мегдан со Баерн Минхен.

ЕИБАР

Иста плоча како во Германија се врти и во Шпанија, со тоа што Еибар е уште помало место од Падерборн. Последниот попис забележал 27,507 жители и со оглед на малиот буџет, неколку илјади жители на Еибар, пред почетокот на сезоната донираа средства за клубот да може да ги плати потребните 2 милиони евра за учество во Примера. Стадионот на Еибар прима 5,000 гледачи и е најмал во ТОП5 лигите во Европа.

„Последно што сакавме е во клубот да влезе некој сомнителен бизнисмен кој од нашиот миленик ќе направи карамела бонбона", изјави претседателот на клубот Аранзабал, пред почетокот на сезоната.

Еибар ја отвори сезоната со победа од 1:0 против Реал Сосиедад (гол на Хави Лара), одигра нерешено против Атлетико Мадрид и после поразот од Депортиво, победи на гости против Елче. Во моментов Еибар на табелата е пред Реал Сосиедад и Атлетик Билбао, најголемите ривали во регионот на Баскија. Целта на клубот е опстанок во Примера.

ЛЕСТЕР СИТИ

За разлика од Еибар и Падерборн, Лестер е десетиот град по големина во Англија и живее друга реалност со дури 50% странски играчи во својот состав. Претседателот на Лестер, тајланѓанецот Вичаи Шриваднапраба, во пролетта годинава дојде во клубот и вети дека ќе вложи 240 милиони евра за засилувања.

Не потроши толку, но Лестер во моментов има исто бодови со Манчестер Сити на шеикот Менсур. Најпознати имиња во тимот се Каспер Шмајхел, синот на легендарниот голман на Манчестер Јунајтед од 90-те Петар Шмајхел, како и Естебан Камбијасо кој дојде од Интер.

Три екипи од врвот на англиската Премиер лига се лизнаа во Лестер. Најпрвин Евертон и Арсенал спасуваа бод, а изминатиов викенд Манчестер Јунајтед загуби со 5:3, иако водеше 3:1.

Стартот на Лестер можеби не е како оној на Еибар и Падерборн, но навивачите на клубот сигурно не паметат кога последен пат играле во најдобрата англиска лига. Целта на Лестер е како на онаа на Еибар и Падерборн, да остане во најдоброто друштво.

23 септември 2014 - 09:44