Пеколна битка за Лига на шампиони во Серија А со 8 меѓусебни дуели

Доминацијата на Јуве изминативе неколку години во Италија не дозволува неизвесност во борбата за титулата. Затоа неколку места подолу тепачка е за ЛШ. Се борат Рим и Милано, ама во игра се уште две, па и три екипи. Каша попара е табелата.

На 8 кола до крајот на сезоната во италијанското првенство во игра за Европа се вкупно 7 екипи. Ќе се борат за само две места во ЛШ и уште две во ЛЕ.

Со оглед на ситуацијата на табела, освен Интер кој е оддалечен солидни 8 бода од местото кое води во Лига Европа, за ниту еден друг клуб не можеме да кажеме дека е во предност за пласман во најелитното клупско европско натпреварување.

Седумкратниот европски првак Милан повеќе не го личи во ЛЕ, а во јануари купи топ засилување од 35 милиони кое внесе живост во напад. Зборуваме за Кшиштов Пјонтек. Веќе пет години не се дел од елитата.

Лацио не видел ЛШ од времето на Пандев, а лани го загуби пласманот во последните 10 минути во дуел со Интер. Рома сè уште се сеќава на елиминацијата на Барселона и пласманот во полуфинале, што значи ЛЕ за нив не е никаква мотивација.

Но не се тука само Рим и Милано во игра. Аталанта гази и е втора најефикасна екипа со само два постигнати гола помалку од Јуве. Во последно време запна и Торино, а шанси има и Сампдорија која го има Фабио Кваљарела, стрелецот број 1 во Серија А со 21 гол.

Сега обрнете внимание на нивниот распоред до крај. Нема екипа на која ќе и биде лесно до крај и пазете во битката за Европа ќе гледаме дури 8 меѓусебни битки од кои само Лацио има 4.

Со црвена боја се директните дуели:

ИНТЕР: Аталанта дома, Фрозиноне на гости, Рома дома, Јуве дома, Удинезе на гости, Киево дома, Наполи на гости, Емполи дома

МИЛАН: Јуве на гости, Лацио дома, Парма на гости, Торино на гости, Болоња дома, Фиорентина на гости, Фрозиноне дома, СПАЛ на гости.

АТАЛАНТА: Болоња дома, Интер на гости, Емполи дома, Наполи на гости, Удинезе дома, Лацио на гости, Џенова дома, Јувентус на гости, Сасуоло дома.

ЛАЦИО: Сасуоло дома, Милан на гости, Удинезе дома, Киево дома, Сампдорија на гости, Аталанта дома, Каљари на гости, Болоња дома, Торино на гости.

РОМА: Сампдорија на гости, Удинезе дома, Интер на гости, Каљари дома, Џенова на гости, Јувентус дома, Сасуоло на гости, Парма дома

ТОРИНО: Парма на гости, Каљари дома, Џенова на гости, Милан дома, Јувентус на гости, Сасуоло дома, Емполи на гости, Лацио дома.

САМПДОРИЈА: Рома дома, Џенова дома, Болоња на гости, Лацио дома, Парма на гости, Емполи дома, Киево на гости, Јувентус дома.

Табела

4 април 2019 - 14:06