Патувај игумане и не грижи се

На радост на мнозинството Аргентинци, центарфорот на Челси кој играше и за Реал Мадрид, Јувентус и Милан, реши да го урами репрезентативниот дрес и да се збогува со националниот тим.

Гонзало Игуаин, кој пред три месеци наполни 31 година, објави дека ја завршува својата репрезентативна кариера.

„Зборував со Скалони и му кажав дека мојата кариера во репрезентацијата е завршена. Имам нормален однос со селекцијата, ја гледам од страна. Сакам да заминам што е можно подобро“, рекол Пипита.

Последната фраза може да се толкува различно, затоа што Игуаин често играше катастрофални за Аргентина, особено во големите финалиња каде пропушти неколку стопроцентни шанси да им го донесе толку посакуваното злато на „гаучосите“.

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2014

Аргентина стигна до големото финале и многумина очекуваа Лионел Меси и бандата конечно да го кренат највредниот пехар во спортот. Противник им беше силната Германија.

Во еден момент од мечот, Игуаин сосема случајно излезе еден на еден со голманот Ноер и цел свет ја гледаше топката во голот. Но наместо да се приближи поблизу и лесно да реализира како што знае, Гонзало направи нешто ужасно. После тој момент даде гол но му го поништија поради офсајд

За овие промашувања казната стигна во продолженијата кога резервистот Марио Геце даде гол и на Германија и донесе светско злато.

КОПА АМЕРИКА 2015

После една година од тешкиот пораз во финалето на Мундијалот, Аргентина играше во финале на Јужноамериканскиот Куп против Чиле.

Во 74’ минута Игуаин влезе од клупата а регуларниот дел заврши 0:0, па се отиде во серијата пенали. А таму Гонзало незграпно распали по топката и го префрли голот.

После него промаши и Банега и Чилеанците кои ги дадоа сите пенали, заслужено славеа. Така Аргентина го изгуби второто финале по ред.

КОПА АМЕРКА 2016

Трета година по ред „Гаучосите“ стигнаа до големото финале на еден голем турнир и одново малер. Противник на јубилејната Копа Америка која првпат во историјата се играше два пати по ред, им беше Чиле.

А таму Гонзало Игуаин одново среќно се најде во ситуација сам со голманот (исто како против Германија), но направи почетнички потег и ги разочара сите свои сонародници.

По нерешениот резултат, повторно се стигна до пенали, но Игуаин тогаш со време го сменија од игра. За жал по Аргентина, промашија Меси и Биља.

„Долго размислував и решив дека мојот циклус во репрезентацијата е завршен. Сакам да поминам повеќе време со семејството. На радост на многумина, затоа што оние кои поинаку мислат се помалку.

Не нарекуваа неспособни, а ние стигнавме до три финалиња по ред, но не можевме да победиме таму. Едно од тие финалиња беше на Светско првенство. Но за менe неуспехот е друг.

Сега критикуваат нови играчи наместо да ги поддржат. Сите сакаа да се обнови репрезентацијата, но после еден месец веќе се незадоволни.

Јас дадов гол против Белгија за да ја внесам репрезентацијата во полуфинале првпат после цели 24 години, давав голови и во квалификациите за Светско. Но луѓето паметат само грешки. Фудбалот е таков.

Гледав колку пропати моето семејство од тоа што луѓето зборуваа за мене. Навивачите кои вреѓаат не помислуваат дека и фудбалерите се исто луѓе, никогаш не се ставаат на наше место.

Кога се критикува од фудбалска гледна точка, тоа е прифатливо. На пример, кога викаат дека има подобри напаѓачи. Но кога критикуваат нефудбалски аспекти и сакаат да повредат некого - тоа е лошо, токсично“, го заклучил своето излагање Гонзало Игуаин.

Пипита одигра 75 меча за Аргентина и постигна 31 гол.