Кинеската спортска јавност по се изгледа дека се уште не може да го преболи поразот на Кина на пријателскиот натпервар против Тајланд од 5:1 кој се одигра минатиот месец. Најпрвин тоа го плати со отказ Шпанецот Хозе Антонио Камачо кој на селекторската функција заработуваше 8 милиони евра годишно.
Но сега на ред стигнаа казните и за фудбалерите кои не се "испотиле" доволно за својата земја. Претседателот на Гуначжоу Евергранд, Лиу Јонгзуо кој е еден од најдобрите фудбалски клубови во Кина најави санкции за фудбалерите од неговиот тим кои настапиле за репрезентацијата на тој меч.
Јонгзуо жестоко го искритикува лошиот настап на Кинеската фудбалска репрезентација и рече дека не смее уште еднаш да им се случи ваков настап.
„Резултатот на Кина е крајно понижувачки за сите кинески фудбалери и за целиот кинески народ. Тоа е понижување поради недостатокот на борбениот дух на играчите", изјави строгиот претседател.
Тој донесе нови правила во клубот, а со казни ќе се соочат фудбалерите за кои ќе се утврди дека се виновни за пасивно играње на пријателскиот меч. Оние кои имале лоша изведба ќе мора да платат парична казна од 200.000 јени или околу 22.000 долари, додека играчите кои ги прекршиле новите правила освен паричната казна ќе мора еден месец да следат часови по патриотизам.
„Треба да покажеме дека сме подобри кога го претставуваме националниот тим. Само до подобри резултати на нашата репрезентација ќе го подигнеме нивото на кинескиот фудбал", заврши Јонгзуо.
Срамниот пораз на Кина беше осуден и на спортските блогови, а претседателот на Гуначжоу Звергранд нема намера да ги поштеди своите фудбалери и покрај тоа што настапот не им бил за клубот.