Парма, Џузепе Роси и чудесниот опстанок

Пред осум години, млекарите го поздравија доаѓањето на претседателот Томазо Гирарди, но и на Џузепе Роси, кој дојде на позајмица од Манчетер Јунајтед. Опстанокот го обезбедија во последните неколку кола под водство на Клаудио Раниери.

Осум години поминаа кога Парма беше убедливо последна на табелата во Серија А и кога доби нов претседател пред почетокот на јануарскиот преоден рок. Навивачите во новите засилувања гледаа спас од испаѓање во Серија Б.

Сега веќе поранешниот претседател на Парма, Томазо Гирарди на крајот од 2007. година го замени легендарниот раководител Енрико Бонди, творец на најголемите успеси на клубот со Верон, Креспо, Турам, Буфон. Во тој момент, Парма имаше ужасен учинок од само 12 бодови (денес има уште полоши 9) и со еден чекор беа во втората лига. За уште поголем малер, генералниот спонзор Пармалат крена раце од спонзорство на клубот.

Гирарди во договор со тренерот Стефано Пиоли (сега во Лацио), донесе неколку засилувања, меѓу кои најмногу се издвојуваше Џузепе Роси од Манчестер Јунајтед.

До тој момент јавноста знаеше за настапите на Роси во САД, но малку беше познат податокот дека токму во Парма, Џузепе Роси играл од својата 12 до 17 година и постигнал 205 голови за младинците, со кои го освоил и младинското првенство. Потоа во 2004. година по хаосот на сопственикот Танци, Роси замина за Манчестер Јунајтед, на инсистирање на Сер Алекс Фергусон. Кај „црвените ѓаволи“, напаѓачот играше стандрадно и даваше голови со Кристијано Роналдо и Вејн Руни.

Сепак, конкуренцијата во Манчестер го направи своето и Роси замина на позајмица во Њукасл, каде остана до јануари 2007. година. Потоа Фергусон одобри Роси да замине во Парма, под услов да игра стандардно и редовно.

Роси дебитираше против Торино со гол и веднаш стана миленик на Енио Тардини. Весниците пишуваа само за него со наслови „Добредојдовте дома, господине Роси“. Но опстанокот беше уште далеку. Следуваа три порази, по што Томазо Гирарди реши да го следи трендот на газдите во италијанскиот фудбал и го избрка тренерот Пиоли. На негово место дојде Клаудио Раниери, пред кого стоеше невозможна мисија, да го спаси клубот од испаѓање.

Почетокот на соработката меѓу Џузепе Роси и Раниери не беше сјајна, затоа што следуваше еден пораз и четири нерешени средби. На 1. април 2007. година, Парма уште беше последна на табелата после поразот од Интер.  Од тој момент, до крајот Парма предводена од Џузепе Роси победи на четири од последните шест натпревари и обезбеди опстанок на чудесен начин.

Левоногиот напаѓач постигна 9 голови од јануари до мај и Парма остана во лигата. На крајот Раниери имаше позитивен учинок од 6 победи, 6 нерешени средби и 3 порази. Џузепе Роси се врати во Манчестер, кој веднаш го продаде во Виљареал, а навивачите на Парма никогаш не му простија што не останал во клубот уште една сезона.

24 јануари 2015 - 12:41