Ред Стар не освоил голем трофеј уште од 1942. година и за малку ќе згаснел во 2003. година. Три години подоцна, во 2006. година започнува нивното искачување од шестата лига. Денес Ред Стар има огромни шанси да заврши во првите три екипи во Лига 2, места кои водат во Лига 1. Таму чедото на Жил Риме не играло од 1975. година!
Поради очајните услови на нивниот примитивен стадион Стад Бауер во северното предградие на Париз, Сент-Уен, екипата цела сезона во втората лига играла на стадион оддалечен 75 километри од нивниот.
„Имаме голем потенцијал - се наоѓаме во Париз и 10 милиони луѓе живеат во овој реон", изјави портпаролот на клубот, Пол Дукасу.
Наследството му дава големи шанси на Ред Стар да ги собере симпатиите на Парижаните, вели истражувачот Симон Пиоче. Денес во сопственост на инвестициски фонд од Катар, ПСЖ е основан во 1970. година по спојување на други два клуба од главниот град.
„Ред Стар е правиот историски тим во Париз и ден денес е попопуларен во северен Париз. Секако, ПСЖ сега игра во Лигата на шампионите и луѓето сакаат да ги гледаат нив, но ако Ред Стар влезе во прва лига, работите ќе се сменат, вели маркетинг истражувачот Поче.
Мислам дека тие имаат голем потенијал, затоа што додека Катарците донесоа многу пари и нови играчи, правите навивачи на ПСЖ останаа разочарани. Паркот на Принцовите е многу скап, тивок, нема пеење, нема бучни навивачи. Ред Стар би можел да биде опозитен и да понуди поинаква слика. Нивниот бренд е голем, убав и стара школа", додава Симон Пиоче.
Ред Стар е единствен и по тоа што има англиско име, никој не ги вика Etoile Rouge (Црвена звезда на француски).
Легендата вели дека името било сугестија на една англиска гувернантка, Мис Џени која што му била роднина на Жил Риме. Друго објаснување нема, вели Пол Дукасу, освен алтернативното име на Бафало Бил.
Името нема ништо со комунизмот, иако клубот има репутација на лево-ориентирана работничка класа и бил основан речиси половина век пред другата Црвена Звезда, онаа од Белград.
„Ред Стар има интегритет, навивачите ценат прави фудбалски вредности. Не мора да трчаш по слава за да го бодриш овој клуб", вели Џон Хансон, Британец кој живее во предградието каде игра овој клуб.
Клубот често се споредува со германскиот Сент Паули - тим лоциран во ред-лајт дистриктот на Хамбург кој се смета за симбол на отпор кон буржоазијата.
За разлика од ПСЖ, кој има сувенири по целиот град, а најмногу во центарот, обележја од Ред Стар може да најдете само на стадионот на овој клуб. Најмодерна во последно време е маичката со натпис "Ligue 2 We are back". За настап во првата лига, Ред Стар ќе мора да најде нов стадион, затоа што нивниот не исполнува ниту второлигашки услови. Една опција е рагби стадионот Стад Жан Боан, близу Паркот на Принцовите, а би можеле и на Стад де Франс.
До крајот на првенството има уште две кола, а Ред Стар е петопласиран, со четири бодови од позицијата која води во Лига 1. Црвената ѕвезда ќе игра уште со Дижон дома и Кретеј на гости.
Северен Париз верува во сонот.