Само девет месеци му беа потребни на Кејлор Навас да ги убеди соиграчите и навивачите дека го има потребниот квалитет да стои меѓу стативите на Лос Бланкос. Од натпревар во натпревар, тој беше еден од најдобрите играчи на Реал. Неговите фантастични настапи му помогнаа на тимот на Зидан да се бори за титулата до последниот натпревар во Ла Лига, а Кралевите имаат шанса да ја освојат и европската круна на 28. мај во Милано, по рекорден 11-ти пат во историјата.
Бројките зборуваат сами за себе. Во саботата против Депортиво Ла Коруња, Костариканецот не прими гол на дури 22. натпревар сезонава - тоа беше 13-ти меч во Примера без да прими гол. Во меѓувреме тренерот Зидан изјави дека Кејлор Навас е и ќе биде прв голман на Реал во иднина.
Навас бранеше на 34 од 38 лигашки средби и прими само 28 голови што е најдобар учинок во поновата историја на клубот. На тој начин Кејлор му се доближи на рекордот на легендарниот Бодо Илгнер од сезоната 1996/1997. Германецот бранел на 40 меча таа година и 31 пат ја вадел топката од својата мрежа за просек од 0,77 примени гола по натпревар.
Оттогаш, ниту еден голман не го надмина Илгнер, ниту Икер Касиљас кој 14 години беше прв избор. Најблизу до рекордот Икер беше во сезоната 2004/2005 кога бранел на 36 средби и примил 30 голови за просек од 0,83 гола по натпревар. Останатите двајца голмани, Диего Лопез и Сантијаго Кањизарес не стигнаа ниту близу до Илгнер во изминатите 20 години. Диего Лопез бранеше во просек со еден примен гол по натпревар во сезоната 2013/2014, а Кањизарес примаше 1,15 гола во просек во сезоната 1997/98.
По сево ова, Кејлор Навас веќе испиша историја во првенството, а неговата статистика во Европа не е ништо послаба од онаа во Ла Лига. Тој е несовладан на Сантијаго Бернабеу во ЛШ каде Реал годинава одигра пет меча. На гости во Лигата на шампионите прими само два гола од Волфсбург во Германија.
Тие два гола ја прекинаа серијата на Кејлор од 738 минути без примен гол што е втор најдобар рекорд во европските натпреварувања. Прв е Јенс Леман со 853 минути. Кејлор Навас побарал зголемување на годишната плата на 4,4 милиони евра за продоложување на договорот.