Горан Пандев во он лајн гостување на ТВ 24 вести распука по ФФМ, но овој пат не само за замрзнатиот терен на кој дозволија да игра Академија Пандев, кога ги пецна и за премиите, туку многу повеќе и многу отворено за теми кои ниту еден друг репрезентативец до сега ги нема отворено пред камера.
Го прозва директно Муамед Сејдини кој сакал да го смени Мрме, потоа членовите на управниот одбор за кои вели дека само шетаат, како и лигата за која сите во чаршија зборуваат дека е најнаместена, а сега јавно кажа и Горан Пандев.
Во јавноста се шпекулираше дека селекторот Игор Ангеловски не е по мерка на првиот човек на ФФМ, а сега тоа го потврди и капитенот на Македонија на кој Сејдини директно му отишол со муабет за смена.
„Квалификациите ги одигра одлично, за прв пат во нашата историја бевме трети, а Сејдини се дрзна да го менува селекторот за најважните натпревари против Косово и Грузија. Дојде во хотелот и ми вели, Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски, а јас му одговорив дека вие сте претседател, вие одлучувате, јас сум капитен, но според мене не е моментот да го правите тоа. На крајот, сепак немаше сили, затоа што целата македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нашите резултатите како репрезентација, бидејќи знаеме пред пет години каде бевме и како не третираа. Не беше момент да се зборува затоа, туку требаше да се работи со ладни глави за мечот со Косово.“.
За глумата во ФФМ кога се пласиравме на ЕП и поделбата на премиите
„Некои луѓе работеа против репрезентацијата, ама не успеаја. Нас не имаше околу 25 до 30 луѓе со доктори и масери, мислам дека посреќни луѓе не сум видел. Околу нас мислам дека правеа финта дека се среќни, а искрено во лицето им се гледаше дека не се. Некои играчи играат толку време во репрезентатија и не земаа премии, а тие без срам и образ си поделија што мене најмногу ме погоди и немам повеќе желба да зборувам за тоа. Кога видов не верував дека стварно си поделиле премии. Овде во Италија кога зборував со играчите и со управата во Џенова, не ме сфаќаа сериозно, велат тоа не е можно, а јас им велам тоа е Македонија и сè е можно“,
Која е целта на претседателот на ФФМ Македонија да не оди на ЕП и дали во тоа имало политика?
„Не сакам да навлегувам во тоа дали има политика, бидејќи не сум компетентен. Но знам дека луѓето кои патуваат со нас се повеќе од 15 години во ФФМ, бидејќи Горан игра 20 години фудбал во репрезентација и ги гледам секогаш истите луѓе. Не знам што направиле за мак фудбалот, едно нешто не знам што го направиле. Тие доаѓаат да се шетаат и да се радуваат и да искритикуваат кога ќе изгубиме“.
За Сејдини кој не дошол да им честита за победата против Косово:
„Пред мечот со Косово како капитен очекував претседателот Сејдини барем да дојде во хотелот, да нè поздрави, да ни посака среќа, но од човек кој никогаш немал фудбалска идеја не ми беше н чудно што тоа не го направи. После мечот сите го чекавме да дојде и да ни честита и ако верувате не дојде во совлекувална. Но така се поставени работите во ФФМ и ништо не ме чуди. Ние изградивме една фамилија и пет години се боревме сами, сигурно дека и условите ни беа феноменални, но знаеме дека парите не ги даваат од свој џеб и мислам дека оваа генерација заслужи да ги има најдобрите услови.
80-90% од репрезентативците не ни знаат кој е претседател, а кој потпретседател на ФФМ и кои се луѓево што доаѓаат и што патуваат со нас. Тоа се анти-фудбал луѓе. Кај нас нема никакви поделби, Мрме направи фамилија и нема никакви поделби меѓу нас. Јас со Адеми, Алиоски, со Барди секој ден се слушам, како браќа ми се. Тоа што му го наравија на Мрме и што му дадоа 6 месеци договор мислам дека е најголем срам“.
„Она што најитно треба да се направи за македонскиот фудбал е да се тргнат луѓето од федерацијата на чело со Сејдини и да дојдат луѓе кои знаат и имаат идеја. Пример нека им биде ракометната федерација. Фудбалот не е само ние да фрламе пари, а Сејдини и некои негови другари да кажуваат вака треба, така треба, а да нема никаков напредок во мак-фудбалот“.
За лигата:
„Можам да напишам книга за нашиот фудбал. Има неколку луѓе кои командуваат со македонската лига која во моментов е најаматерската и најнаместена, како и најнекоректна во цел свет. Кај нас се знае однапред кој излегува во Европа, кој испаѓа, кој ќе игра во бараж. Да не навлегуваме многу со имиња, но и тоа ќе излезе, знаат за кои луѓе зборувам. Се игра 3 за 3 бода. Рака на срце, Шкендија да, сопственикот инвестира, има услови, но видете го Вардар во каква состојба е, немаат каде да тренираат, жално. Јас лично, сакам да видам проект, да знаеме зошто вложуваме. Не може 10 дена пред натпревар да се знае кој ќе ѝ суди на Академија Пандев, сите си ќутат и никој ништо не збори. Зошто е тоа така, треба да го прашаме претседателот. Видете кои луѓе одлучуваат за мак-фудбалот и сè ќе ви стане јасно. Не е нормално од прволигашите да нема делегати на изборно собрание, да нема делегати од Шкендија, од Македонија ЃП, од Работнички, од други прволигаши, тоа е невозможно. Мислам дека ФФМ не почитува никаков закон, ако воопшто постои закон. Во Италија, претседател избираат клубовите од прва, втора и трета лига“,
За пензионирањето:
„По ЕП, најверојатно ќе се пензионирам. Со семејството остануваме во Џенова, имам понуди овде да бидам дел од раководството на Џенова. Ако треба да изберам помеѓу ФФМ и Џенова денес, би ја одбрал Џенова. Ако се сменат работите, тука сум да помогнам за македонскиот фудбал“.