Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев ја прифатил понудата од управата на најстариот италијански клуб, за уште една година да остане во Џенова и да игра во Серија А и Куп на Италија.
По историскиот настап со Македонија на Евро 2020, капитенот се повлече од репрезентацијата на која толку многу и даде и најави дека ќе земе време да размисли дали во целост да ја прекине и клупската кариера и да се пензионира.
Во меѓувреме Пандев неколку пати изјави дека претседателот на Џенова, Прециози и луѓето од управата му понудиле да бира што сака, или да одигра уште една сезона или да добие некоја функција во клубот. Гоче прифатил нов договор кој ќе има важност до 30 јуни 2022 година.
Струмичанецот кој се прослави во Интер кога ја освои тројната круна под водство на Жозе Мурињо, за Џенова одигра 156 натпревари и стана трет странец со најмногу настапи во овој клуб. Досега постигна 28 гола за „грифони“ од вкупно 101 откако игра во Серија А (473 настапи во најдобрата италијанска лига).
Пандев во јули наполни 38 години а член на Џенова е од 2015-та година. Сезонава ќе биде еден од највозрасните фудбалери во Топ 5 лигите во Европа, а во Италија е еден од само петте активни играчи со 100 или повеќе погодоци.