Пандев: „ФФМ е станата приватна фудбалска федерација“

Најдобриот македонски фудбалер во историјата, Горан Пандев пред неколку дена и официјално објави дека заминува во играчка пензија и дека времето пред него ќе покаже по кој пат ќе тргне во иднина, дали како раководно лице, дали како фудбалски менаџер.

Горан Пандев е човекот кој ни ги овозможи најголемите фудбалски задоволства во земјата. Легенда која не однесе на прво Европско првенство во историјата и таму го постигна првиот гол за Македонија кој ќе се памети долго.

Пандев во разговор за „Студио 10“ на ТВ 24, раскажува за тоа дека сакал да остане во Италија зошто и на семејството му било убаво таму, сите го зборуваат јазикот и добро им е.

За македонската фудбалска репрезентација Гоче вели дека му било голема чест и задоволство и дека никогаш никој не можел да го спречи да дојде и да биде дел од селекцијата. Но искрено кажува и за состојбата во ФФМ која е направена „приватна федерација“.

„Луѓето ја препознаваат мојата вредност, иако има и такви кои ја игнорираат Се надевам дека добро ја претставував Македонија и на сите им благодарам што ме поддржуваа. ФФМ стана приватна фудбалска федерација и мислам дека ако нешто набргу не се промени, не само што нема да напредуваме како репрезентација туку и ќе назадуваме“, изјави Пандев.

„Јас не сакам да се мешам во политички работи, а кај нас во Македонија во сѐ има политика. Веројатно затоа играчите и заминуваат. Но, таа атмосфера ја создава ФФМ. Сите го знаат тоа, но никој не сака да излезе и јавно да го каже тоа. Потребни ни се луѓе кои сакаат да успеат во спортот“, додава Пандев.

30 септември 2022 - 12:45