Италијанскиот печат оди со наслов „Отворете очи на Македонија, на гости ги тепаа Германците“, потсетувајќи на светската сензација која нашиот национален тим ја приреди против Германија на гости, која претходно во мундијалските квалификации имаше само два порази во цела историја.
Стрелци на головите тогаш беа Пандев и Елмас, а на клупа седеше Игор Ангеловски. Но сега ќе ги нема и тројцата, Елмас поради жолти картони, Пандев поради репрезентативна пензија, а Мрме поради смена.
Италијанците предупредуваат дека најголемата опасност доаѓа на репрезентативците кои играа или играат во Серија А, но од нив во состав е само Александар Трајковски. Селекторот Боби Милевски не го повика Илија Несторовски со образложение дека по кам бекот од повредата има премала минутажа.
„Немаа некоја невозможна група за поминување, но сепак Романија и Исланд се погоре на рангот на ФИФА, а Македонците успеаа да завршат пред нив. Значи внимателно со следниот противник на Аѕурите на 24 март во Палермо. Изненадувањето го направија пред околу една година, кога победија во Дуисбург против Германија.
Познати играчи им се Пандев, кој се повлече од репрезентација после Европското, напаѓачот на Удинезе и поранешен член на Палермо Несторовски, како и другиот екс играч на Палермо, Трајковски кој сега игра во Саудиска Арабија.
Пред напаѓачот Ристовски, имаат двајца способни офанзивни играчи од среден ред, Елмас од Наполи и Барди ид Леванте. Фудбалерот на Наполи е суспендиран. На клупа не им е повеќе Ангеловски, туку 50 годишниот Благоја Милевски“.
Зошто велиме ултра важен меч за Италијанците? Бидејќи во квалификацискиот циклус за СП 2018 доживеаа фијаско под водство на селекторот Вентура и не успеаа да се пласираат на Светско по пауза од 60 години.
Евентуален кикс со Манчини кои ги направи европски прваци, ќе значи дека паузата на Мундијалите ќе им трае од 2014-та па се до 2026-та за каде исто така ќе треба да се изборат.
Да потсетиме, победникот од овој дуел ќе игра во финале против подобриот од дуелот Португалија – Турција, кое е закажано за 29 март.