Отворено Еуро 2024 - домаќинот Германија ја растури Шкотска

Седумнаесеттото Европско фудбалско првенство вечерва беше и официјално отворено. На „Алијанц Арена“ во Минхен по пригодна кореографија, Германците ја пречекаа Шкотска и покажаа зошто важат за еден од фаворитите за шампионска титула. Убедливи 5-1.

Со музичко-сценски настап на многу млади луѓе и кореогафија организирана од домаќинот започна свеченото отворање на Еуро2024.

Германците му посветија и голема почест на нивната најголема фудбалска легенда Франц Бекенбауер кој почина во јануари годинава. На теренот пред почеток на мечот Германија - Шкотска излезе неговата сопруга со официјалниот пехар за шампионот на ЕП2024, придружувана од Јирген Клинсман и Бернард Диц.

Германските фудбалери уште од самиот старт покажаа каква намера имаат на вечерашниот меч со Шкотска. Тргнаа офанзивно и го притиснаа ривалот пред неговиот гол.

На стадионот преку 25.000 шкотски навивачи ја бодреа својата селекција која во првиот дел не пружи баш никаков отпор против мотивираниот противник.

Германија поведе во 10' минута преку најдобриот фудбалер од Бундеслигата, младиот Флоријан Виртц. Набрзо во 19' минута Џамал Мусијала од Баерн Минхен зголеми на 2-0 со прекрасен удар, а во 44' минута на истек на првиот дел, Рајан Портеус направи пенал, доби црвен картон, а домаќинот отиде на 3-0 со гол на Каи Хавертц.

Во вториот дел селекцијата на најмладиот селектор на Европското, Јулијан Нагелсман (36) рутински ја доработи задачата. Нагелсман ги извади своите најдобри играчи Виртц и Хаверц а во игра влегоа резервистите Лирој Сане и Никлас Филкруг.

Токму шпицот на Борусија Дортмунд во 68' минута постигна фантастичен погодок со силен удар од прва за високи 4-0 за Германија.

До крајот на мечот Шкотите постигнаа еден погодок чисто колку-толку да го поправат резултатот, односно Антонио Ридигер постигна автогол за 4-1, а нововлезениот Емре Чан во последните секунди ги постави конечните 5-1 за убедлив триумф на Германија.

Ова е најубедлива победа на Германците во историјата на Европските првенства и најубедлив триумф на отворање на едно Еуро.

14 јуни 2024 - 21:35