Островската фудбалска бајка каде нашите се најдоа во погрешно време

Навивачката страст во јужна Италија е посебна, а ја красат топлите срца на тифозите кои се луди по фудбал. Од нив и од нивните јунаци течеа солзи радосници само затоа што влегоа во прва лига. Приказната е за Палермо кој ја крена Сицилија на нозе, а сега е во длабока кал.

Серија А не е само Јувентус, Милан и Интер и двете екипи од Рим. Тука се малите клубови кои имаат голема душа и срце и без кои не се може. Нивните апетити не се големи и кога ќе им се исполнат соништата, нема мерка со која може да се измери радоста која ја чувствуваат.

Се навраќаме на летото 2002 година, кога Мауро Ѕампарани, тогашен претседател на Венеција го откупи мнозинскиот пакет на Палермо за 15 милиони евра од Франко Сенси, подоцна славен газда на Рома.

По што е познат Ѕампарини? По редовната смена на тренери. Епа така и почна на Сицилија и во првата негова сезона смени тројца и за влакно не успеа да го однесе клубот во прва лига.

Втората сезона, во градот се почувствува дека доаѓа позитивен амбиент со новиот газда кој создаде проект за враќање на Палермо во елитата. Го купи Лука Тони од Бреша (машина за голови) и Корини од Киево (да, истиот оној Корини кој беше тренер на Палермо од 30 ноември 2016-та до вчера) и беше душата на тимот.

Во зимскиот преоден рок дојдоа уште познати имиња, како браќата Филипини, Џузепе Бјава, Једа и Фабио Гросо. Сезоната им беше бомбастична со 83 бода, исто колку силниот Каљари со Ѕола, но освоија прво место поради подобрата гол разлика. Тони експлодираше со 30 голови и стана прв стрелец пред Кристијано Лукарели.

Во меморија ќе им останат паненката на Ѕаули против Наполи, високата победа против Ливорно од 4:1 и петардата на сицилијанското дерби против Катанија. Денот за голема и историска прослава беше 29 мај 2004-та, кога на стадионот Ренцо Барбера се славеше враќањето во Серија А по долга пауза од 31 година.

Снимките од тој ден се незаборавни, неповторливи и преполни со емоции. Се урлаше во цел град, почнувајќи од соблекувалната на Палермо, а Корини придружуван од водачот на ултрасите, влезе во друштво на најзагреаните навивачи.

2004/2005

Ако трансфер пазарот на Ѕампарини за Серија Б изгледаше неверојатен, тогаш што да се каже за неговата работа кога влегоа во прва лига. Купи три идни Светски шампиони: Бароне, Ѕакардо и Барцаљи.

На Барбера се влегуваше само со годишна карта, навивачите беа неуморни, а тимот предводен од Франческо Гвидолин тежок за совладување. На Сицилија паднаа Јувентус и Рома, додека Лацио и Милан освоија само по бод. Сезоната беше како од соништата, 6-то место и историски пласман во Куп на УЕФА.

Момците на Гвидолин беа силни и на гости, па така на гостувањето на Меаца, Заули “се претвори“ во Зидан и му даде локум топка на Тони за конечни 1:1. Ист резултат извадија и на Деле Алпи против Јуве со голот на Ѕакардо, а на Олимпико во Рим го совладаа Лацио со 1:3.

Но тука Ѕампарини не застана и во следните сезони носеше фудбалери од типот на Миколи, Кавани, Амаури, Пасторе, па се до Дибала, Васкез и Белоти за кои веројатно нема потреба сега да сурфате и да барате што прават во кариерата.

Палермо со вакви играчишта стигна до 5 пласмани во Купот на УЕФА (2005, 2006, 2007, 2010 и 2011-та) па дури успеа да стигне и до историски пласман во топ 16. Веројатно круна на оваа извонредна ера за клубот беше пехарот во Купот на Италија во 2011-та кога во финалето го совладаа Интер.

Две сезони по оној ден кога 50.000 навивачи го обоија Рим во боите на Палермо им се случи пех и испаѓање во Серија Б во сезоната 2012/2013. Ѕампарини не ја задржа политиката околу трансферите. Од речиси сите напаѓачи извади многу пари, а потоа не ги вложи како што се очекуваше и се реши да купува евтино.

Оваа сезона за градот е тажна и неиздржлива за гледање. Помина 21 коло, а Палермо е сè уште на оние две победи и 11 бода помалку од местото вредно опстанок.

Имаат само 17 голови од кои 7 се на Несторовски, а еден на Трајковски. До месец мај има уште многу за играње, но со вакви игри и резултати, навивачите не може да се надеваат на останување во Серија А и им преостанува носталгично да се навраќаат на овие преубави снимки.

Што велат бројките околу рекордите на Ѕампарини. Во неговата 27 годишна кариера има извршено 37 тренерски смени и има работено со вкупно 58 тренери, а откако е во Палермо од 2002-ра смени/или си заминале 29 тренери.

Тој е единствен во Серија А со 8 тренерски смени во една сезона, извршени со 7 тренери, а таа сезона 2015/2016 држи уште еден примат, а тоа е отпуштање на двајца тренери после победа. Тие двајца несреќници се Џузепе Јакини и Давиде Балардини.

25 јануари 2017 - 14:29