Олимпија Љубљана го отпушти тренерот поради расизам

Некогашниот тренер на белградските екипи Рад и Партизан, Марко Николиќ доби отказ од Олимпија поради расистичкиот испад кон својот играч, Нигериецот Блесинг Елеке.

Лидерот на словенечкото првенство, Олимпија Љубљана го отпушти српскиот тренер откако фудбалската федерација на оваа земја го суспендираше 7 меча Марко Николиќ.
 
36-годишниот тренер пред две недели го нарекол нигерискиот напаѓач Блесинг Елеке (20) „црн идиот“, затоа што при постигнувањето на израмнувачкиот гол за 1-1 против Заврц во 92’ минута се радувал, „наместо да ја земе топката и да тргне кон центарот“.
 
Претседател на Олимпија Љубљана е некогашниот газда на Лестер, Нотингем Форест и Портсмут, Милан Мандариќ кој веднаш по скандалот побара од тренерот Николиќ да се извини, но суспензијата од седум меча беше доволна да му врачи отказ.
„Не беше лесна одлука, но како претседател на клубот немав друга опција. Николиќ е одличен тренер но направи недопустлива навреда, а Олимпија, клуб којшто го презедов поради големиот потенцијал мора да се држи до правилата на професионално однесување“, изјави Мандариќ.
Инаку српскиот тренер изјави разговарал со Нигериецот, му се извинил и му објаснил дека немал намера да го навреди на расна основа.
„Се договоривме со Николиќ споразумно да се разделиме. Тој е добар тренер, добар човек, но направи грешка и сега плаќа поради неа“, констатираше Мандариќ.
Олимпија е прва на табелата со 62 бода од 30 средби, само два повеќе од актуелниот шампион Марибор на шест кола до крајот. Скандал неодамна имаше и во Марибор каде Агим Ибраими ги објави навередливите смс пораки кои му ги праќал спортскиот директор на клубот, Златко Заховиќ.