Еден од најдобрите фудбалери на Вест Бромвич Албион, напаѓачот Питер Одемвинге веќе долго време е во отворен конфликт со управата на клубот. Тој своето незадоволство во последните неколку недели го искажува преку својот Твитер профил и си направи уште повеќе проблеми, па вчера на последниот ден од трансфер периодот Одемвинге реши да го напушти клубот по секоја цена.
На три ипол часа пред завршувањето на трансфер периодот, Одемвинге беше снимен пред капијата на тренинг центарот на Квинс Парк Ренџерс, но проблемот е што неговиот клуб ниту го имаше продадено, ниту пак тој имал дозвола да преговара со други клубови.
И додека тој ја даваше изјавата за Скај Спортс, во исто време ВБА испратија соопштение во кое се вели дека тие не го договориле трансферот на Одемвинге и тој нема право да преговара со КПР.
Неколку минути подоцна Скај Спортс јави дека фудбалскиот клуб Квинс Парк Ренџерс не му ја отвориле вратата и не му дозволиле да влезе во нивните простории за да не ги прекршат трансфер правилата.
Одемвинге ја свиткал опашката и посрамотен се вратил во Вест Бромвич Албион каде е обврзан на уште 18 месеци.