Пред месец дена објавивме статија со наслов „ФФМ, барајте го малиов да заигра за Македонија“, гледајќи во Даниел потенцијал кој може да го засили составот на македонската репрезентација.
Очигледно дека периодов око во него не фрлавме само ние новинарите, туку и селекторот Игор Ангеловски кој вчера за Гол.мк потврди дека лично исконтактирал со момчето кое му одговорило дека му треба време да размисли.
Но напаѓачот на Лос Анџелес изгледа не размислувал многу за понудената шанса, затоа што ФФМ денеска соопшти дека го прифатил повикот за Македонија.
Во прашање е само за кои натпревари би пристигнал во Македонија, а постои шанса тоа да се случи уште во ноемвриските кои следуваат, доколку се средат до тогаш неговите документи. Тој нема македонски пасош, но неговите родители имаат. Мрме е оптимист за него.
„Навистина ми е драго што Дени прифати да игра за Македонија, имавме искрен разговор и го очекуваме во нашиот тим на следните предизвици во ноември. Ќе ја зголемиме конкуренцијата во офанзивниот дел од тимот и мислам дека ќе биде од корист за сите. Неговиот ефект во Лос Анџелес е одличен. Наша обврска е да се обидеме да ја зголемиме конкуренцијата во тимот со фудбалери кои ќе донесат квалитет и ќе придонесуваат за подобри резултати. Се надевам дека Мусовски ќе го донесе токму тоа во нашата селекција“, изјави Игор Ангеловски.
Даниел Мусовски кој има македонско потекло е роден во САД во 1995-та и игра во напад, а неодамна беше МВП на колото во МЛС лигата.
Со 4 гола и 2 асистенции на 10 меча полека си го зацементира местото во составот на еден од најдобрите клубови во американскиот фудбал.
Кариерата ја почна во 2014 година во Лас Вегас Мобстерс. Пред да пристигне во Лос Анџелес, инаку еден од најдобрите тимови во МЛС, играше уште и за Барлингејм Драгонс, ТаксонСан Хозе Ертквејкс и Рено 1868 каде на 40 натпревари даде 16 гола.