Диего Марадона (Аргентина 1979)
Второто по ред Светско младинско првенство се одигра во Јапонија во 1979 година. Маестралниот Диего Армандо Марадона кој настапи за сениорската репрезентација на Аргентина на само 16 години, се очекуваше да блесне на Мундијалот на кој имаше 19 години.
Аргентина беше неприкосновена и без ниту еден пораз стана шампион на турнирот на кој младиот Марадона блесна со 6 гола. Во финалето Аргентинците се сретнаа со СССР и славеа со 3:1, а еден од стрелците беше токму Марадона.
Тој беше прогласен за најдобар фудбалер на првенството, а според некој тој се уште е најдобар фудбалер на сите времиња. Освои шампински титули со Бока Јуниорс, Барселона и Наполи, а го освои и Мундијалот во Мексико во 1986 година. Легендарниот Марадона е единствениот играч кој ја освоил „Златната топка" на Светско сениорсно фудбалско првенство и на Светското за играчи до 20 години.
Роберт Просинечки (Југославија 1987)
Многу играчи од таа златна генерација на Југославија која го освои Мундијалот за фудбалери до 20 години во Чиле направија блескава кариера, а меѓу нив се Давор Шукер, Ѕвонимир Бобан и Предраг Мијатовиќ, но за најдобар играч на Светското првенство беше прогласен Роберт Просинечки.
Бобан и Шукер беа дуото кое ги полнеше мрежите на сите натпревари, но организатор на играта беше 18 годишниот Просинечки преку кој одеа сите акции на Југославија која во финале беше подобра на пенали од Западна Германија.
Просинечки потоа беше дел од тимот на Црвена Ѕвезда која стигна до титулата во Лигата на шампионите во 1991 година, а настапуваше и за Барселона и Реал. Со селекцијата на Хрватска тој стигна до историското 3-то место на Мундијалот во 1998 година кога повторно беше главен играч заедно со Бобан и Шукер.
Лионел Меси (Аргентина 2005)
И моментално најдобриот фудбалер на планетата патот до успехот го започна качувајќи се на пиадесталот на младинското Светско првенство кое се одигра во Холандија. Лионел Меси имаше 18 години, а во финалето кое Аргентина го доби против Нигерија со 2:1 беше двоен стрелец.
Меси беше најдобар стрелец на првенството, а се разбира беше прогласен и за најдобар фудбалер. Од тогаш па до денес јасно ви е како се разви неговата кариера. Ги освои сите можни титули со Барселона и тоа по неколку пати, четири пати по ред е прогласуван за најдобар фудбалер во светот, а изминативе 2 години за него постојано пишуваме како урива рекорди.
Трикратниот освојувач на Лигата на шампионите покрај тоа што е младински шампион со Аргентина и освојувач на златото на Олимпијадата во 2008 година, му преостанува уште светската круна со сениорскиот состав на својата земја.
Еве ги сите освојувачи на „Златната топка" на Светските првенства за играчи до 20 години:
1977 - Володимир Бесонов (СССР)
1779 – Диего Марадона (Аргентина)
1981 – Ромулус Габор (Романија)
1983 – Џовани (Бразил)
1985 – Паоло Силас (Бразил)
1987 – Роберт Просинечки (Југославија)
1989 – Бисмарк (Бразил)
1991 – Емалио Пексе (Португал)
1993 – Адриано (Бразил)
1995 – Кајо (Бразил)
1997 – Николас Оливера (Уругвај)
1999 – Кеита (Мали)
2001 – Хавиер Савиола (Аргентина)
2003 – Исмаил Матар (Обединети Арапски Емирати)
2005 – Лионел Меси (Аргентина)
2007 – Серџо Агуеро (Аргентина)
2009 – Доминик Адијах (Гана)
2011 – Хенрих (Бразил)