Дали клубовите решиле да ја следат генетиката на нивните поранешни ѕвезди или ги слушнале советите на другите не знаеме, но едно е сигурно. Круша под круша паѓа.
Tатко: Пол Инс; син: Том Инс
Во англискиот фудбал, еден од попознатите случаи е Том Инс, синот на поранешниот англиски репрезентативец и фудбалер на Ливерпул и Интер, Пол Инс. Малиот Том летово доби понуда од Интер, но реши да остане во англискиот фудбал и да не ги следи чекорите на својот татко кој крајот на кариерата го заврши во миланскиот клуб. Имаше чест да заигра и против еден негов поранешен колега.
„Случајно забележав дека е левучар кога беше мал, што е права реткост. Самиот сакаше да ја шутира топката и видов дека има дарба лесно да ја води топката“, вели Инс постариот, чиj што син во моментов игра стандардно во премиерлигашот Хал Сити.
Татко: Мартин Кион; син: Ниал Кион
Приказната на Инс е слична со онаа на Мартин Кион, некогашниот стамен стопер на Арсенал. Неговиот син Ниал Кин (19), е играч на Ридинг, каде имаше неколку настапи за сениорскиот состав.
„Кога се роди не мислев да го правам фудбалер. Но има нешто во гените што се префрла на нашите деца, па така и мојата љубов кон фудбалот се префрли на мојот син. Едниот ми е фудбалер, а другиот новинар што знае сè за фудбал“, вели Кин за Дејли Мејл.
Татко: Густаво Појет; син: Диего Појет
Притисок во однос на тоа што татко му е познат поранешен фудбалер има и Диего Појет, син на Густаво, поранешниот фудбалер на Челси и Тотенхем а сега тренер во Сандерленд.
„Мислам дека доби шанса и ја искористи. Нема никаков императив од мене, затоа што тој самиот живее, спие, јаде и дише фудбал. Неговиот напредок е единствено негова заслуга“, вели Гус Појет, тренерот на Сандерленд.
За разлика од Том Инс и Стив Брус, кои ги земаа своите синови во екипите каде беа тренери, Уругваецот го советувал син му да ја прифати понудата од Вест Хем.
„Би сакал да го тренирам некогаш, но тоа во исто време би било некоректно и за него и за другите играчи. Мислите дека играчите на клупата би прифатиле тој да биде во првиот состав?“, одговара со прашање Појет.
Татко: Ѓеорге Хаџи; син: Јанис ХаџиВо Романија весниците ги полни Јанис Хаџи (16), син на легендарниот Ѓеорге. Левучар и плејмејкер како татко му, Јанис во моментов игра за Виторул Констанца и младинската репрезентација на Романија. Клубот е основан во 2009-та година и во сопственост е на татко му Ѓеорге.
Татко: Едвин ван дер Сар; син: Џое ван дер Сар
Причини да бидат горди на своите деца имаат и Патрик Клајверт и Едвин ван дер Сар, холанѓаните чии деца го печат занаетот во младинската академија на Ајакс Амстердам. Џое ван дер Сар е голман како татко му, а синот на Клајверт, Џордан Клајверт се обидува да дава голови како некогашната ѕвезда на Барселона.
Татко: Патрик Клајверт; син: Џордан Клајверт
Џордан Клајверт ја носи деветката во младинците на Ајакс и во холандската репрезентација до 16 години. Неговиот татко ја пролонгирал неговата преселба во Ла Масија, школата на Барселона, затоа што смета дека Ајакс Амстердам е идеална средина за неговиот развој и дека Џордан таму веќе има многу другари.
Татко: Зинедин Зидан; син: Енцо Зидан
Со големо внимание се следат и настапите на Енцо Зидан, 19-годишниот играч од средниот ред на Реал Мадрид Кастиља (вториот тим на „кралевите“) каде тренер е татко му Зизу. И покрај суспензијата од 6-месеци со која се соочи Зинедин (не поседувал тренерска лиценца), Зидан помалиот игра стандардно во втората екипа на Реал Мадрид.
Татко: Ривалдо; син: Ривалдињо
Од татко на син има и во Бразил, каде Ромарињо и Ривалдињо играат со товарот од славата на нивните татковци. Синот на Ривалдо неодамна постигна спектакуларен гол по приемот на гради, нешто како татко му против Валенсија во 2001-та година. Ромарињо игра за Коринтијанс и воопшто не го погодуваат споредбите со татко му.
Tатко: Ромарио; син: Ромарињо
„Ја играм својата игра и воопшто не размислувам во таа насока. Татко ми бил легенда, но јас имам своја кариера и свој живот“, вели напаѓачот Ромарињо, чиј што татко неодамна стана пратеник во бразилското Собрание.
Татко: Паоло Малдини: син; Кристијан Малдини (дедо на Кристијан: Чезаре Малдини)
Не му е лесно ниту на Кристијан, синот на Паоло Малдини, кој во моментов е позајмен во Бреша од Милан. Според младинските тренери, Кристијан полесно би напредувал во средина каде не го споредуваат со татко му. Малдини помалиот веќе има неколку тренинзи со првиот тим на Милан, додека тренер на клубот беше Масимилијано Алегри.
Татко: Диего Симеоне; син: Џовани Симеоне
Во Јужна Америка, поточно во дресот на Ривер Плата игра Џовани Симеоне, кој за разлика од својот познат татко Диего, игра во офанзивниот дел. Строгиот тренер на Атлетико Мадрид дисциплината ја покажува и на своите деца, па така Џовани самиот морал да се избори за место во екипите каде тренирал
Џовани Симеоне веќе има неколку настапи за „милионерите“ од Буенос Аирес а неговиот талент под будно око го следат скаутите на европските клубови.