Од финалист за песна на Евровизија, до тренер на шпански Елче

По игра на случајноста, каталонскиот тренер станал професионален пејач и се појавил на најпознатиот шпански фестивал во Бенидорм во 1994-та.

Животот пишува романи, а фудбалот бајки. Од само една реченица на Шпанецот Алберто Гаљехо може да се претпостави неговата кариера: „Со мојот живот можеш да снимиш четири филма“, рекол еднаш професионалниот пејач кој денес во понеделник за првпат ќе седне на клупа на еден шпански прволигаш од елитната Примера дивизион.

Во шпанската Ла Лига клубот Елче во моментов е последен на табела со само 1 освоен бод после 7 одиграни меча. Зелено-белите имаат дури 6 порази, само едно реми и ниту една победа. Постигнати само три а примени дури 18 гола.

Вечерва против Мајорка ќе го затворат осмото коло во шпанската лига. Викендов се одиграа сите натпревари и остана уште мечот Елче - Мајорка за да се комплетира осмата рунда.

А оваа средба ќе биде посебна за новиот тренер на домашниот тим, Алберто Гаљехо (48) кој до крајот на јуни годинава го водеше резервниот Б тим на Елче кој се натпреварува во петта лига, а сега од 5-ти октомври бил промовиран за тренер на првиот тим откако тренерот Франциско беше отпуштен по мизерните резултати.

Алберто Гаљехо (роден 1974-та во Љеида) имал големи успеси со Б тимот на Елче, изминатово лето добил нов договор. Претходно имал успешни резултати со ЦД Ибица и Рекреативо Уелва кои ги промовирал во повисок ранг по успешните сезони со нив.

СТИГНАЛ ВО ФИНАЛЕ НА ИЗБОР ЗА ПЕСНА ЗА ЕВРОВИЗИЈА

Младиот Алберто Гаљехо почнал да тренира фудбал во родната Љеида, а паралелно го комбинирал фудбалот со студии по гитара на конзерваториум, компонирал и снимал песни во својата соба дома.

Музиката му одела одлично, имал убав глас и вешто свирел на неколку инструменти. Во 1994-та година се случува настанот на неговиот живот: добива покана да настапи во живо на Бенидорм фестивалот, најголем на Пиринеите, со милионска публика и тогаш, и денес. Мајка му пратила демо-снимка за проба и таа касета му го сменила животот.

Иако никогаш не пеел пред толку публика, настапот на Алберто „Ланко“ Гаљехо (Ланко му било уметничко име) не поминал незабележан од страна на ловците на таленти, па така набрзо една дискографска куќа му понудила богат договор а тој бил должен да се пресели во Мадрид.

И покрај тоа што музиката му носела повеќе пари од фудбалот, тој никогаш не сакал да ја остави топката на страна и во меѓувреме потпишал договор за клубо Алкобендас. Но после извесно време доживеал скршеница на носот и тоа го натерало да се посвети само на музиката која му гарантирала егзистенција.

Снимил четири албуми под уметничкото име Ланко, без името Алберто и поминал одлични и долги турнеи ширум Аргентина. Во 2005-та година „Ланко“ го доживеал најголемиот успех во музичката кариера, станал финалист на фестивалот за песна на Евровизија 2005 прва година. Тогаш победило севиљското трио Son de Sol кои со песната Brujeria отпатувале на Евросонг во Киев.

Ако неговата музичка сјајна кариера била плод на неговиот талент, Алберто Гаљехо станал фудбалски тренер благодарение на неговата упорност. И покрај тоа што имал сериозна кариера на музичар и пејач, тој се обидувал да најде тимови каде ќе кали тренерско исксутво додека полагал испити за различни нивоа за тренер.

Кризата на дискографските куќи со појавата на новото чудо цд дискови кои лесно се копираа и недостигот на контрола врз песните во раните години на интернетот биле последен аларм за него да спушти слушалка.

Во меѓувреме продолжил неколку години да биде фудбалер и тренер во исто време, а првпат на клупата како предводник седнал во анонимниот клуб Бенабаре од Уеска во регионална лига. 

Од тој момент немало позиција во фудбалот на која Алберто Гаљехо не бил поставен: од технички секретар во Рајо Ваљекано па технички секретар во Рајо Окалхома во САД. Таму бил и тренер, менаџер, па дури и административен работник, се во едно.

Неговата одлична работа во САД против богатите клубови Њујорк Космос на Раул и Маркос Сена го убедила њујоршкиот клуб да му понуди позиција помошен тренер.

Подоцна Гаљехо се враќа во Шпанија и почнува од самото дно: од Побла де Мафумет (трета лига). Одисејата го носи во грчки Волос, па се враќа во татковината каде Ибица ја промовира од трета во втора лига, а наскоро и Рекреативо во втора лига.

Како круна на сите долгогодишни напори и трудови, Гаљехо неделава беше поставен за прв тренер на првиот тим на Елче и ќе дебитира во најдобрата шпанска лига вечерва против Мајорка.

10 октомври 2022 - 11:14