Новото засилување на Милан го чита Достоевски и не игра Плејстејшн

За разлика од неговите врсници кои за да остават добар впечаток пред девојките, велат дека читаат, најталентираниот италијански стопер вели дека чита за своја душа и дека книгите го формирале како личност.

Во тројниот спектакуларен трансфер меѓу Милан и Јувентус, Матиа Калдара стигна во пакет со Гонзало Игуаин на „Сан Сиро“, а во спротивен правец отиде Леонардо Бонучи.

Матиа Калдара има 24 години и достоен е да му се посвети големо внимание: прво, го сметаат за еден од најталентираните стопери дефанзивци во Италија, а второ, има интересна книжевна основа. Кога пред неколку дена старо-новиот спортски директор на Милан, Бразиелцот Леонардо на новинарите им го претстави Калдара, рекол:

„Го одбрав него, затоа што е дипломиран економист и затоа што го чита Достоевски“.

Калдара се надоврзал и отишол подалеку: „Вистина е. Го читам Достоевски. Повеќе сакам да читам и да бидам сам со себе, отколку да игррам PlayStation“.

Матиа важи за тивок, мирен и скромен дечко. Признава дека да не бил фудбалот, тој би се посветил на изучување јазици. Уште во средно школо страстно ја анализирал „Божествената комедија“ на Данте Алигиери. Познавањето на руската класична литература Матиа го стекнал на факултет:

„Мојот професор Сињорели знаеше дека ми се допаѓа книжевноста, и затоа ме посоветува да читам некои руски автори. Книгите ти помагаат да пораснеш, после нив луѓето почнуваат да зборуваат подобро“.

 

Матиа Калдара

Кога новинарите го прашале дали тоа што чита го прави со цел да остави впечаток кај девојките, тој брзо одговорил: „Не, не, тие ми се смеат поради тоа“.

И точно - Матиа Калдара не поради пустиот флерт, два пати ја прочитал „Злосторство и казна“ од Федор Достоевски, како и најславните дела на Лав Толстој - „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. Неговите другари велат дека избледениот школски ранец на Матиа секогаш е преполн со книги.

Соиграчите од Аталанта каде играше одличен фудбал, раскажале дека Калдара за PlayStation сметал дека е губење време и дека често останувал во собата да чита книги додека другите урлале на Сони.

Од времето кога беше главен стопер на Аталанта

Габаритниот центарфор Андреа Петања го нарекол „поетот“, а Калдара неколку пати му давал книги:

„Понекогаш ќе му дадев некоја книга, а тој постојано се смееше со мене. Ми се допаѓа кога читам особено руска литература. Тоа е единствено патешествие. Книгите ме формираат како личност и во иднина тоа ќе ми помогне да работам во Асоцијацијата на италијанските фудбалери“, вели Калдара.

Во Бергамо немал партнер за своето хоби. Во Милано се најде со старите другари од Аталанта, Андреа Конти и Франк Кесие. Во срцето на одбраната ќе игра со Алесио Ромањоли со кого имаат заеднички ист идол - великанот Алесандро Неста.