На еден ден пред Светското првенство летово во Русија, на прес-конференција луѓето од шпанската фудбалска репрезентација објавија дека го отпуштиле селекторот Хулен Лопетеги.
Повод за тоа беше неговиот договор со Реал Мадрид зад грб на федерацијата која не знаела ништо.
***
Хулен Лопетеги Арготе е првиот баскиски тренер во Реал Мадрид за последните 50 години.
Идниот фудбалер и стручен тренер, е роден во семејството на еден од најпознатите спортисти во цела Баскија, Хозе Антонио Лопетеги кој се натпреварувал во кревање тежина.
Таткото на сегашниот тренер на Реал бил рекордер во кревање товар - успеал да крене камен од 100 килограми и да го држи цела минута. Тоа го повторил 22 пати низ кариерата.
Но основна професија на Лопетеги-постариот не бил овој необичен спорт на панаѓурите, туку семејниот ресторан.
Од рано детство, малиот Хулен, неговите браќа и сестри им помагале на своите родители во ресторанот. Останатото време Хулен го користел да игра фудбал. Брат му продолжил да управува со семејниот бизнис и во моментов и ма два ресторани во Мадрид.
Кога Лопетеги не можел да игра фудбал, тој им помагал во водењето на рестораните.
****
За разлика од неговиот претходник на клупата на Реал, Зинедин Зидан, Лопетеги не бил познат играч. Но и покрај тоа заиграл и за Реал и за Барселона и за репрезентацијата на Шпанија. Заиграл можеби звучи малку пренагласено, затоа што Лопетеги бил трет голман на сите три места.
За репрезентација го викале со цел да му ја зголеми конкуренцијата на незаменливиот Зубизарета.
Хулен ја почнал својата кариера во Реал Сосиедад, а во 1985 година се преселил во составот на Кастиља (трет тим на Реал Мадрид) чиј тренер бил Висенте Дел Боске.
Во Кастиља (денес позната како Реал Мадрид Ц), Лопетеги брзо застанал на голот и станал важна фигура во тимот. Во 1998 година за првпат го прекомандувале во првиот тим на Реал Мадрид, но набрзо го позајмиле во Лас Палмас каде бранел на 31 меч таа сезона.
Кога се вратил од позајмица, Лопетеги бил трет голман во Реал, бил во сенка на Франсиско Бујо и настапил само на еден меч за три години. И тоа на каков меч!
Против Атлетико Мадрид во комшиското дерби кога уште во првиот дел примил 3 гола. Натпреварот завршил 3:3 а Хулен веќе никогаш не бранел за „кралскиот клуб“. Во 1991 година Хулен Лопетеги го облекол дресот на нисколигашот Логроњес каде останал три сезони. Таму го стекнал потребното искуство кое еден ден го довело во Барселона.
Но и на „Камп Ноу“ Лопетеги повторно бил во улога на трет голман затоа што прво ја изгубил конкуренцијата со Карлес Бускетс (татко на Серхио Бускетс), а потоа во 1996 година и од Витор Баија.
Вкупно за каталонскиот тим одиграл пет средби за три години. Времето во Барселона на Хулен му било одбележано со чести повреди кои го мачеле.
На крајот заминал од Барса и преминал во второлигашот Рајо Ваљекано. Голот на Рајо Ваљекано Лопетеги го чувал на 120 натпревари, успеал да заигра во првата лига со овој клуб и во 2002 година решил да ја заврши голманската кариера.
Признанија кои ги освоил во кариерата се сребрен медал на Светското првенство за играчи до 20 години во 1985-та година, иако на тој турнир не бранел на ниту еден меч. Истата година одиграл само еден меч за репрезентацијата на Шпанија до 21 година.
Најдобри настапи имал во составот на Логроњес поради кои добил покана за сениорската репрезентација за која бранл само еднаш. Тоа бил меч против Хрватска на 23 март 1994 година кога Шпанците изгубиле 0-2. Тогаш го викнале и за Светското 1994 во Америка за да ја засили конкуренцијата на Андони Зубизарета.
****
По крајот на играчката кариера, поранешниот голман добил покана од селекторот на селекцијата на Шпанија до 17 години, Хуан Сантистебан да му помага во стручниот штаб.
Сантистебан работел во системот на Реал Мадрид од 1974 до 1987 година а од 1988 до 2007 била тренер на различни категории во шпанската репрезентација.
Подоцна, во сезоната 2003/2004 Лопетеги станал тренер на Рајо Ваљекано но набрзо добил отказ поради слаби резултати. Таквиот епилог му овозможил да ја прифати понудата да стане стручен коментатор на телевизија. Гледачите се сеќаваат како еднаш паднал во несвест за време на една емисија:
Банката Banco Gallego со дозвола од Лопетеги го искористила овој момент кој станал вирален, за своја рекламна кампања, а Хулен од добиените средства отворил школо-интернат за 85 деца во Боливија.
Подоцна Лопетеги станал и скаут на Реал Мадрид кој во тоа време ја создавал сопствената стратегија и филозофија. Во 2008 година вториот тим на Реал Мадрид (Кастиља) му предложила на Лопетеги да биде тренер, а следната година кога Рамон Калдерон станал претседател, Лопетеги го напуштил „кралскиот клуб“.
Но престојот во Кастиља му овозможил да се искали како тренер и да го испече занаетот. Во периодот од 2010 до 2014 година ги тренирал шпанските младински репрезентации.
Како селектор станал европски шампион со репрезентациите до 19 и 21 година.
Неговите селекции играле офанзивен и агресивен фудбал. На патот до успехот Лопетеги извел играчи како: Давид де Хеа, Саул, Коке, Иско, Тиаго, Алкасер, Хесе, Делафеу, Бернат, Сусо, Денис Суарез, Оливер Торес, Кепа и Мората.
Многумина од нив денес се дел од сениорската репрезентација на Шпанија.
****
Патот подоцна го носи Лопетеги во Порто каде во 2014 стана главен тренер. Ја освежи екипата, направи смена на генерации и за малку не стигна до полуфиналето на Лига на шампиони (по триумфот од 3:1 над Баерн во Португалија, во Минхен изгубија 6:1).
После година и пол во Порто, Хулен Лопетеги доби отказ.
Неколку недели по Европското 2016, Лопетеги стана селектор на Шпанија. Две години по Светското во Бразил каде Шпанија не помина група и изгуби од Холандија со 1:5 и Чиле 1:2, Шпанците конечно го вратија својот идентитет под негово водство.
Лопетеги на клупата го замени Дел Боске (кандидати за селектор беа уште и Камачо, Капарош и Пако Хемез). Интересно меѓу сите претенденти Лопетеги бил најслабо рангиран зошто за Баскиецот гласале само 31% од испитаниците на шпанскиот весник El Mundo (од 12.000 кои гласале).
На крајот го избраа него и тој се оддолжи со 14 победи и 6 нерешени натпревари (гостуваше и во Македонија против нашата селекција во квалификациите). Шпанија како прва од групата се пласираше на Мундијалот 2018.
Во Русија дојдоа како едни од фаворитите за златото иако на списокот не беа викнати Фабрегас, Мората, Педро и Хави Мартинез. Пред самиот старт на Светското тој најпрвин го продолжил договорот со федерацијата до 2020 година но после пар недели се договорил да стане тренер на Реал Мадрид, без знаење на федерацијата.
Претседателот на сојузот Луис Рубиалес се разгневил и го отпушти Лопетеги.