“Новиот Пеле“ на 26 години смени 13 клубови

Да ти го откријат талентот на улица на 10 години, да дриблаш поголеми од тебе и потоа да растураш на турнири каде се пријавил и Јувентус, не е гаранција дека ќе успееш. Особено не ако прво те бара Интер, а ти завршуваш во Јагодина или во четврта лига во Финска.

Фреди Аду од Гана е еден од оние примери „падни стани“ во кариерата. Во САД беше атракција и имаше тинејџерска слава откако на 14 години стана најмладиот спортист со професионален договор и најмлад играч и стрелец во МЛС лигата.

Тоа историско достигнување со Вашингтон во 2004 година му се случи откако на 10 години растурал на турнири за играчи до 14 години на кои учествувале Лацио и Јувентус и каде го прогласиле за МВП.

За него сега требаше да пишуваме дека е “новиот Пеле“, епитет кој го доби уште како млад, но тој преку фудбалот стана авантурист кој од САД се прошета до Португалија, Франција, Грција, Турција, Бразил, Србија и Финска и смени 13 клубови.

МЛС лигата ја напушти во 2007 година и замина во Бенфика, а во 2012 година во интервју за БиБиСи призна дека тоа не било правилна одлука. За време на тригодишниот престој португалскиот гигант го испрати на четири позајмици, но тој не се снајде никаде.

Следуваше повторно враќање во Америка каде две години играше за Филаделфија Унион, а потоа продолжи со уште неколку експерименти во кариерата. Тимот на Бахија, втора лига Бразил, Јагодина во Србија и на крај трансфер во Финска во четврта лига.

Фреди Аду кој веројатно повеќе ви е познат од Football Manager сега добива трета шанса во САД, но овој пат во втора лига. Потпиша за Тампа Беи Раудис каде тренер ќе му биде Томас Ронџен, кој како селектор го повика да игра за САД у20 на Светско првенство.

Тој постигна хет-трик против Португалија, а потоа одбележа и 17 настапи за сениорската репрезентација, но откако Јирген Клинсман стана селектор во 2011-та не доби повеќе повик.

На Аду веројатно највеќе му лежи во Финска.

16 јули 2015 - 13:23