Норвешка не е повеќе за ВАР

Најдобрите норвешки клубови гласаат за укинување на ВАР системот после бесот на навивачите.

Норвешка е подготвена да стане првата земја што ќе го напушти ВАР, откако 19 од вкупно 32 клуба гласаа за укинување.

Гласањето произлезе по препорака на Норвешката фудбалска федерација (НФФ), а консултациите траеа четири месеци и во нив беа вклучени клубовите од прва и втора лига, како и навивачките групи.

За укинување гласале и Бодо Глимт, Молде и Розенборг, трите водечки прволигаши во Норвешка.

Норвежаните го воведоа ВАР системот во 2023-та година, но навивачите ширум земјата се противеа на компјутерскиот систем.

На стартот од оваа сезона на мечот Розенборг - Лилестром имаше прекини, откако во знак на протест на терен летаа рибни колачи.

Други натпревари беа прекинувани со фрлање на тапи од шампањ, кроасани и тениски топчиња.

Навивачките протести доведоа до период на консултации и изгледи НФФ да го укине ВАР. Конечната одлука е во март.

На тема ВАР, неодамна разговаравме во интервјуто со нашиот најафирмиран фудбалски судија Александар Ставрев, кој минатиот месец замина во пензија.

24 јануари 2025 - 15:18