Фудбалерите на Јувентус ја прославија рекордната 9-та титула по ред, вкупно 36-та во историјата на „Старата дама“, еден од најтрофејните клубови во Европа.
Но не е баш сè идеално за Јуве, затоа што според тренерот Сари, првотимците се на граница на издржливост, преуморени и најверојатно против Рома во последното коло шанса ќе добијат младинците. И тоа ништо чудно цела екипа да биде составена од децата.
Во меѓувреме Андреа Пирло стана тренер на Јувентус У-23, тим којшто го освоил Купот на Италија за клубови од Серија Ц и којшто за малку не влегол во полуфиналето на плејофот за пласман во Серија Б.
Тренер на Јуве У-23 досега бил Фабио Пекија и тој работел со неколку врвни таленти од кои некои веќе и дебитираа за првиот тим.
По рестартот на сезоната, поради повреди и суспензии неколку првотимци беа на страна, па шанса да се најдат на клупата за резерви добија некои клинци.
Пример во минатото коло во Каљари, Сари повикал дури осуммина младинци од У-23. Шанса да заиграат добија Симоне Мураторе кој доби минути и во Лига на шампиони сезонава (Мураторе е генерација 1998 и Јуве веќе го продаде во Аталанта), како и Лука Ѕанимакија, крилен напаѓач генерација 1998.
Убава шанса да покажат што знаат на Сардинија добија уште и шпицот Марко Оливиери (1999-та), играчот од среден ред Белгиецот Дауда Петерс (1999-та), додека Коколо ('98), Фработа ('99), Весли (2000) и Вриони ('98) веќе неколку пати беа на клупата за резерви.
По се изгледа дека Маурицио Сари е решен да им даде одмор на сите стандардни првотимци пред решавачкиот меч со Лион (се шпекулира дека исходот од овој реванш во многу ќе одлучува за иднината на Маурицио).
Во Франција Јувентус на првиот натпревар изгуби со 1:0 па сега „бјанконерите“ ќе мора да бркаат негатива од еден гол.