И покрај тоа што Нестор денеска се извини и повторно појасни дека пцовките не биле наменети за македонската јавност, сепак Ангеловски одлучи да го казни напаѓачот со суспензија од еден натпревар.
На синоќешната прес конференција Мрме изјави дека не ја видел снимката со неговото контроверзното однесување, а откако денеска ја погледнал одлучи да го отстрани од мечот против Германија.
“Бидејќи вчера на прес-конференцијата кажав дека од кога ќе ја погледнам снимката ќе ја коментирам ситуацијата со Несторовски сакам да и го соопштам на јавноста следното:
Најнапред драго ми е што се извини и што даде свое објаснување зошто го направил тоа, но такво однесување од репрезентативец не може да помине несанкционирано, затоа е ослободен од обврските за следниот натпревар со Германија”, изјави селекторот на Македонија за сајтот на ФФМ.
По постигнувањето на голот за конечни 5:0, Нестор пцуеше во камера по што имаше лавина од реакции веднаш да биде отстранет од репрезентација.
Но тој веднаш напиша на Инстаграм дека пцовките не биле наменети за тие што го критикуваат за игрите, туку кон тројца поединци кои му се заканувале и му ја вреѓале фамилијата. Потоа даде и дополнителна изјава и рече дека ќе ја прифати одлуката на селекторот каква и да биде.
„Се извинувам на секој што сметаше дека зборовите се упатени на јавноста. Не се упатени на јавноста, но како што веќе реков, на одредени луѓе. Не го направив тоа под притисок од публиката или од резултатот, туку го направив со студена глава. За мене, Македонија е над сè! Јас гордо ја носев лентата како Македонец во Хрватска и Италија, и сите знаете што значи тоа! И секаде ја претставував Македонија најдобро што можам, бидејќи тие не ја даваат лентата како странец лесно! Како може некој тогаш да помисли дека им се обраќам на сите критичари додека ја имам лентата во тој момент! Беше за поединци.
Со критиките сум навикнат да се носам уште од почетокот на мојата кариера. Критиките ме мотивираат, а личните навреди се нешто сосема друго! Отсекогаш сум бил на располагање на репрезентацијата, така ќе биде и сега! Кога резултатите не беа најдобри, менував 4 авиони од Сицилија за да бидам дел од едно едно вакво семејство! Секогаш ќе биде така, и каква одлука и да донесе селекторот, секако дека ќе ja прифатам! Уште едно извинување и напред Македонија“, додава Несторовски.
Третото квалификациско коло за СП 2022 против Германија на гости, Македонија го игра во среда со почеток од 20:45 часот.