Необичниот момент и среќниот Данец на дербито во Копенхаген

На Данецот Давид Нилсен на градското дерби меѓу Брондби и Копенхаген му се случила незгода која на крајот се испоставило дека му го спасила животот поради што е благодарен на сите кои му се нашле во тој момент.

Неверојатната приказна од Данска се рашири на друштвените мрежи и за краток период го обиколи светот.

На 28. август сè било спремно за најголемото дерби на данскиот фудбал меѓу градските ривали Брондби и Копенхаген кога на загревањето полскиот репрезентативец Камил Вилчек шутирал над голот и на трибините во глава го погодил навивачот Давид Нилсен.

Нилсен изгубил свест, а по брзата реакција на редарите и навивачите, тој бил пренесен во болница каде на крајот му дијагностицирале рана фаза на тумор. После успешната и брза операција, Нилсен се опоравува. Тој напишал на својот Фејсбук профил:

„Поздрав до сите. Јас сум Давид и јас сум лицето кое го погоди топка во глава на пријателскиот меч меѓу Брондби и Копенхаген. Сакам да им се заблагодарам на сите, од медицинските лица, редарите и навивачите кои се најдоа во близина.... Сите тие ми помогнаа во тој момент, а испадна на крајот дека целата ситуација ми го спаси животот. Не можам да ви опишам колку сум ви благодарен на сите и среќен. После тој настан отидов на преглед на главата и се утврди дека имам тумор на мозогот, што воопшто не би открил да не ме погодеше Камил Вилчек со топка во глава. На крајот можам да бидам среќен што се се случи тоа и што таму имаше професионални лекари. Сега сум опериран и продолжувам со опоравокот. Благодарам на сите, вечно ќе им бидам благодарен на сите што ми помогнаа“, стои во постот на Фејсбук на Давид Нилсен.

 

21 септември 2016 - 10:07