Интересна идеја на лидерот во Данска

Фудбалскиот клуб Мидтјиланд, прв на табела во тамошното првенство, смислил како да ги приближи навивачите кога фудбалот ќе продолжи со мерки за растојание, пред празни трибини.

Пандемијата од коронавирус го врати киното на отворено во САД, симбол на '50-те години кога многу парови во илјадници автомобили паркирани пред голем видео бим гледале играни филмови.

Оваа вест го инспирирала и данскиот клуб Мидтјилнад, големиот паркинг пред нивниот стадион „Хернинг Арена“, да го трансформира во своевиден „drive in“ со огромен видео бим со цел да им овозможи на своите навивачи да бидат дел од мечот кога фудбалот ќе се врати, сè посигурно пред затворени врати за да се почитуваат мерките за социјална дистанца.

Притоа ќе им се пушти и радио-пренос за да може да слушаат во колите додека гледаат фудбал на видео бим.

ЌЕ МОЖЕ ДА ПРИМИМЕ 60.000 НАВИВАЧИ НА ПАРКИНГ

Портпаролот на Мидтјиланд, Мадс Хвид Јакобсен вели дека се спремни за такво нешто.

„На нашиот паркинг ќе може да примиме 2.000 возила од можни 12.000 паркинг места, со најмногу 5 навивачи во секоја кола. Претпоставуваме дека првиот меч ќе се игра меѓу 21 и 31 мај. Ако иницијативата помине успешно, ќе може да стигнеме до 12.000 коли, доволно да се примат 60.000 навивачи“.

Оваа бројка е далеку поголема од капацитет на стадионот МЦХ Арена во Хернинг кој има 11.800 седишта.

Данската Суперлига како и речиси сите други првенства во Европа беше суспендирана на неопределено време поради коронавирусот од кој во оваа земја се заразени повеќе од 7.300 лица.

Портпаролот на Мидтјиланд Рокјаер вели дека клубот е во комуникација со полицијата, со советот на градот Хернинг и со авторитетите на стадионот за да се обезбеди безбедност за сите кои би дошле на првиот следен меч, да го гледаат од своето возило на паркинг преку голем видео бим.

Данската Суперлига планира да продолжи со првенството веќе од 17. мај и да ја доврши сезоната до крајот од јули, со неколку вонредни кола.

21 април 2020 - 14:11