Роберто Манчини призна дека ова лето Манчестер Сити ќе проба да се ослободи од Марио Балотели, откако тој заработи црвен картон на натпреварот против Арсенал.
Младиот Италијанец стана симбол за фрустрација на Етихад стадионот оваа сезона. И покрај неговиот огромент талент, тој постојано го нервираше Манчини и неговите соиграчи.
Пред само неколку дена Манчини изјави дека да му бил соиграч на Балотели тогаш тој секој ден би му мавал „заушки", а по последната глупост, неговиот тренер потврди дека тој повеќе нема да заигра за Манчестер Сити до крајот на сезоната.
Балотели требаше да добие црвен картон уште во првото полувреме по остриот старт на Сонг, а за тоа се сложи и самиот Манчини кој и самиот изјави дека очекува Фудбалската асоцијација да ја прегледа снимката и да го казни Марио и за овој старт.
Сепак судијата не беше толку милостив и во 89-та минута му го покажа патот кон соблекувалната по уште еден остар старт над Сања.
„Завршив со него за оваа сезона. Тој нема да биде во составот на Сити и најверојатно ќе пробам да го продадам во летниот преоден рок. Тој е фантастичен фудбалер, но не можам повеќе да ризикувам со црвени картони секој пат кога тој е на терен", изјави Манчини.
Токму попустливоста на Манчини кон неговото милениче Балотели беше една од главните причини за падот на Манчестер Сити. Но на италијанскиот стратег најверојатно конечно му дојде памет и со решавање на еден од проблемите, ќе ја започне подготовката за атакување на титулата во следната сезона.