Сити нема шанси за титула со ваков Јунајтед

Навивачите на Манчестер Сити чекаат титула веќе 44 години, но ќе треба да чекаат барем уште една. Тие беа на првата позиција цели пет месеци, но сега заостануваат пет поени. Кои се причините за падот на Манчестер Сити?

Манчестер Сити ја поседуваше лидерската позиција во Премиер лигата од октомври минатата година до март, но по поразот од Свонси, и нерешените резултати со Стоук на гостински и против Сандерленд на домашен терен, тие не само што ја загубија првата позиција, туку сега и заостануваат со 5 поени зад Манчестер Јунајтед.

На 7 кола пред крајот на сезоната, трката за титулата најверојатно веќе е решена. Предноста од 5 поени не е недостижна, но Манчестер Јунајтед има лесен распоред до крајот.

На 30 април ќе се одигра големото градско дерби на Манчестер, а претходно Јунајтед го пречекува КПР, гостува кај Виган и на домашен терен игра со Астон Вила и Евертон. По дербито, тие го пречекуваат Свонси, а во последното коло гостуваат кај Сандерленд.

Манчестер Сити има гостувања кај Арсенал, Њукасл, Норич и Вулверхемптон, а на домашен терен игра со ВБА и КПР.

„Граѓаните" ќе мора да победат на сите натпревари до крајот на сезоната и да се надеваат на барем два кикса на Јунајтед. Но моменталната форма на Сити и статистиката од минатите сезони вели дека тоа скоро и да не е возможно и токму затоа навивачите на Манчестер Сити најверојатно оваа година нема да се радуваат на титулата.

Чекаа 44 години, па можат да почекаат уште една. Според една наша анализа од неодамна, Манчестер Сити би требало да ја освои титулата следната година.

Кои се причините за падот на Манчестер Сити?

Роберто Манчини
Тој има репутација на менаџер кој бара голема дисциплина, но за разлика од Фергусон и Мурињо кои знаат кога треба да олабават, Манчини е секогаш „тврд".
Но не кон сите. Неговата попустливост кон Марио Балотели предизвика големи проблеми, караници и тепачки помеѓу фудбалерите.

Замор и повреди
Како причина за поразот од Свонси, Манчини го наведе заморот кај фудбалерите. На почетокот на сезоната Сити немаше проблеми со повредени играчи, но во последно време повредите на Компани, Лескот, Бери, Забалета и Агуеро го примораа да форсира неколку фудбалери на сите натпревари. Така на пример Јаја Туре нема одморено ниту еден ден, а тој настапуваше и на Купот на Африкански нации.

Предвидливост
Формацијата на Манчини со 4-2-3-1 на почетокот на сезоната беше непобедлива. Одлична одбрана и несопирлив напад. Но по 8 месеци оваа формација е непроменета и тимот на Манчестер Сити е предвидлив.

Само Марио Балотели е непредвидлив. Но проблемот е што дури ни неговите соиграчи неможат да ги предвидат неговите постапки.

Манчестер Јунајтед
Сити по 31 натпревар има освоено 71 поен и сигурно ќе беа на првата позиција да го имаа овој скор минатата сезона кога Јунајтед ја освои титулата со само 80 поени.

Но оваа сезона Манчестер Јунајтед е несопирлив во вториот дел од сезоната (по Нова година) па главната причина заради која Манчестер Сити нема да ја освои титулата, не е ниту Манчини, ниту Балотели, ниту заморот, туку одличниот Манчестер Јунајтед.

3 април 2012 - 10:32