Скаутот Марторели

Нека не ве чуди Донарума, така го зафркна и Интер

Дебитираше на 16 години, Милан му овозможи да го покаже неспорниот талент, го направи репрезентативец на Италија и му понуди годишна плата од 5 милиони евра, но младиот Донарума само од нему познати причини одби да го продолжи договорот.

Човекот кој прв го открил Џанлуиџи Донарума вели дека луѓето не треба да бидат изненадени што голманот одлучи да му сврти грб на Милан - затоа што веќе такво нешто му направил на Интер.

Донарума, чијшто менаџер е лукавиот Мино Рајола информираше во четвртокот напладне дека не го продолжува договорот со Милан кој му истекува следната 2018-та. Тоа значи дека ќе замине веројатно летово за одредена сума (лично сакал во Реал Мадрид) или следната година како слободен играч. 18-годишниот Донарума кој неодамна стана полнолетен синоќа беше на удар на целата италијанска јавност, но само еден човек не бил изненаден.

Џоконо Марторели е човекот кој вели дека предупредувачки знаци за нелојалноста на Џиџо секогаш имало - најпознат е она кога „го прељубил“ Интер со градскиот ривал.

„Можеби не е пријатно за некого, но јас бев еден од малкумината кој го претпоставуваа ова. Сум видел разни вакви ситуации, и во Милан и претходно и потоа. Проблемот е што треба да се види кој е одговорен што се стигна до оваа точка на година дена пред истекот на договорот“, вели Марторели за италијанското TMW Radio.

Според него, на младиот голман уште порано дадениот збор му бил слаба страна.

„Знам сè за Донарума - неговото семејство, роднини, секое ќоше од неговиот дом. Има работи кои ме изненадуваат, воглавном тиражните весници и големите телевизии кои не знаат што било порано. Историјата на Донарума е сложена и ова е само краен резултат на неферското однесување кое беше од сам старт“, раскажува Марторели.

Во цела Европа се зборува за неверството на Донарума

Тој го знае Џиџо уште од мал.

„Не би рекол дека јас го открив, само имав среќа да бидам на право место во право време. Имаше 10 години и само слеп човек не можеше да види дека Донарума беше талентиран. Го видов како мал во Неапол и веднаш му се јавив на Пјеро Аузилио (главен оперативец на Интер). Цели три ипол години, се до 2013-та тој беше дотеруван од Интер каде одеше на проби. Се беше добро до моментот кога требаше да потпише со клубот. Тоа попладне постигнавме усмен договор со него, со татко му и со мајка му. Следното утро се договорија со Милан без ништо да кажат. Тоа се претходници кои ме наведуваа да мислам дека Донарума ќе го стори истото и со Милан.

Речиси цела Италија е во неверување како човекот кој ги имаше сите услови да стане легенда како Тоти или Малдини наеднаш му сврте грб на клубот чиј амблем го бакнуваше често.

„Бев збунет од неговата одлука да не остане во клуб каков што е Милан, но тогаш се сетив: Чекај, неговите во 2013-та потпишаа пред-договор со Интер а за помалку од 24 часа тој договор беше неважечки. Што повеќе да кажам? Се нервирам што некои новинари се прават дека не ја разбирале ситуацијата“, заклучува Марторели.

Во меѓувреме се изјаловија и плановите на Милан за енормна заработка ако голманот не потпише нов договор. Инсајдерот Ди Марцио синоќа соопшти дека Реал Мадрид не би дал повеќе од 20-25 милиони евра за играч на кого договорот му истекува за 12 месеци и ќе може да го земе бесплатно.

Лидерот на Курва Суд - Џанкарло Капели „Баронот“

Доцна синоќа во програма на еминентниот Премиум во живо се појави групата Curva Sud предводена од лидерот Џанкарло Капели познат како Баронот кој рече:

„Одговорноста е само на Донарума. До пред некое време крив беше Рајола (менаџерот), но последниот збор го има Донарума и јасно е дека денес дефинитивно кажа не. Многу сме разочарани да не кажам нешто повеќе. Како ќе се однесуваме сега? Сега ќе имаме состанок на кој ќе одлучиме каков дискурс да држиме. Дали да се продаде веднаш или да се држи на трибина? Секако дека треба да се држи на трибина додека има договор. Но нема да зборуваме секој ден за Донарума има други играчи кои го сакаат овој дрес. Донарума не е вреден да го остане со нас. Управата се однесуваше јасно и гласно. Конечно имаме управа која работи добро и не прави компромис со менаџерите. Нема веќе договори за лични интереси“, заклучува Баронот.

Навивачите на Милан веќе на големо плукаат по Донарума по социјалните мрежи а некои и му го палеа дресот