Неизвесна иднината на најтрофејниот фудбалски клуб

Најпознатиот шкотски и најтрофеен фудбалски клуб во светот, Глазгов Ренџерс е изоставен од распоредот на шкотската лига за следната сезона и му се заканува исфрлање од лигата и одземање на титули.

Глазгов Ренџерс има освоено 54 титули од домашното првенство, што е најмногу од било кој друг клуб на светот. Тие имаат освоено и 27 трофеи од Лига купот и 33 од шкотскиот куп, а на седум пати ја имаат освоено и тројната титула во Шкотска, што претставува уште еден светски рекорд. Трофејниот шкотски клуб го освои европскиот КПК во 1972-та година, а во 1961-та година стана првиот британски клуб кој се пласираше во финале на едно европско натпреварување под организација на УЕФА.

Но сите овие трофеи се само историја, а и самиот клуб наскоро би можел да замине во историјата. Ренџерс се изоставени од натпреварувачкиот календар за сезоната 2012/13, а нивната судбина ќе биде позната на 4. јули. На состанокот на раководството на лигата ќе се донесе одлуката за тоа дали ќе му биде дозволено на клубот да се натпреварува во лигата.

Челниците на лигата треба да одлучат дали ќе му биде дозволен настап на клубот кој неодамна беше купен од компанијата The Rangers Football Club Ltd која треба да биде наследник на Rangers Football Club кој е во процес на ликвидација.

Навивачите на клубот се незадоволни од оваа одлука и побараа клубот чесно да ја напушти лигата и да почне да се натпреварува од најниската - четврта по ранг шкотска лига.

Дури и да биде донесена позитивна одлука на состанокот на 4. јули, иднината на клубот ќе биде во неизвесност затоа што шкотската федерација неодамна започна истрага за нелегалното финансиско работење на клубот од 2000-та година и им се заканува одземање на петте титули освоени во овој период.

Згаснувањето на Ренџерс ќе значи згаснување и на големото „Олд фирм" дерби помеѓу Ренџерс и Селтик, но ќе биде погубно и за шкотскиот фудбал воопшто.

19 јуни 2012 - 09:47