Душан Влаховиќ не престанува да воодушевува, а ова што го прави во Фиорентина, потсетува на едни две други гол машини. Габриел Батистута и Лука Тони. И токму со нив викендов го врзаа во иста статистика, која е импресивна.
Со хет-трикот против Специја, српскиот напаѓач стигна до бројка од 25 голови постигнати во 2021-ва година и ги мина Аргентинецот и Италијанецот. Батистута држи личен рекорд од 23 погодоци, постигнати во 1998-ма, а Тони во 2006-та постигна 24.
Сега му преостанува да го сруши и апсолутниот рекордер по број на голови во една календарската година во Фиорентина, а тоа е Курт Хамрин. Швеѓанецот мина 9 сезони на Артемио Франки (1958 – 1967), а во 1960-та даде 27 комада.
На Влаховиќ до крајот на сезонава му преостануваат уште 8 меча за да стигне до таков успех, а потребни му се уште 3 гола.
Внимавајте добро и на овој статистички податок. 25-те голови го прават во моментов трет најдобар стрелец годинава во Европа, а на табелата се наоѓа во доста елитно друштво.
2⃣0⃣2⃣1⃣ - Dusan Vlahovic (@acffiorentina) has scored 25 Serie A goals in 2021.
— Gracenote Live (@GracenoteLive) October 31, 2021
This ranks him 3rd for most goals in Europe's top 5⃣ divisions this year
36 - Robert Lewandowski🇵🇱
26 - Erling Haaland🇳🇴
25 - Dusan Vlahovic🇷🇸 (+3)
24 - Karim Benzema🇫🇷
23 - Lionel Messi🇦🇷 pic.twitter.com/32QIDr3JLb
За Влаховиќ ова беше втор хет-трик во Серија А, а со тоа е рамо до рамо со Тоти, Ибра, Шевченко и Кристијано Роналдо. На толку играње во Италија, првиве тројца успеале само два пати да запишат хет-трик, а Влаховиќ и двата ги даде годинава. Првиот во март против Беневенто.
Dušan Vlahović has now scored as many Serie A hat-tricks as Andriy Shevchenko, Francesco Totti, Zlatan Ibrahimović and Cristiano Ronaldo (2).
— Squawka Football (@Squawka) October 31, 2021
The next big thing. 😤 pic.twitter.com/buLGxSLplH
Инаку пред да пристигне во Фиренца, во портфолиото на Влаховиќ стои Партизан за кој првиот професионален договор го потпишал во 2015-та на само 15 години. Следната година успеал да стане најмлад дебитант за Партизан, најмлад играч кој настапил на белградското дерби со што го минал Лука Јовиќ и најмлад стрелец во историјата на клубот. Сето ова на само тазе наполни 16 години.
Таа година го скаутирале големи клубови како Јувентус и Арсенал, но во јуни 2017-та потпиша предговор со Фиорентина на 5 години, кој станува официјален на денот на неговиот 18-ти роденден, а тоа е 28 јануари 2018-та. Поради административни причини, право на игра добива на 1 јули истата година.
Влаховиќ минатата сезона експлодираше со 21 гол, еден повеќе од еден Имобиле кој претходно ја освои Златната копачка и заврши на четвртата позиција на најдобри стрелци.
Сега има 8 на 11 настапи, исто колку Џовани Симеоне кој сам ги сруши Лацио и Јуве. Пред нив е само Чиро Имобиле со 9.
Договорот на Влаховиќ истекува следното лето и само прашање на време е во кој голем клуб ќе заврши. Атлетико Мадрид уште летово понуди 70 милиони евра.
Фиорентина е убава екипа, но без големи амбиции и токму поради тоа многу тешко дека ќе успеат да го задржат, нешто слично како што беше со Батистута. Аргентинскиот напаѓач пред две децении имаше потреба од поголем предизвик и битка за Скудето, а тоа му го пружи Рома предводена од Фабио Капело, каде замина за 36 милиони евра.
Српскиот бисер е на мета на италијански, шпански и англиски гиганти. Да не го заборавиме најважниот податок. Има само 21 година, возраст на која многумина сонуваат за да стигнат до бројки како неговите во италијанската лига.
Хет-трикот против Специја