Кога голем дел од девојките се одлучуваат за ракомет, одбојка или пливање, ти се одлучи за најпопуларниот спорт на светот. Што влијаеше да се решиш да играш фудбал? Како почна сè?
На мали години одев на тренинг со татко ми бидејќи и тој играше фудбал а кај мене имаше желба и љубов кон овој спорт. Играв најнормално фудбал со машките но кај мене го забележаа талентот останатите фудбалери и секако мојот татко од кој што сум го носела талентот за фудбалот.
Дали прво играше со машките во маало како што обично се случува или пак се дриблавте со сестра ти Сијче во играта еден на еден?
Игравме во маалото со машки со сестра ми Сијче, а после продолжувавме дури и во својата соба да се дрибламе сами меѓу себе. Малку ни беше времето надвор па моравме и дома да шутираме топки.
Раскажи ни за првиот твој официјален натпревар? Имаше ли трема?
Првиот официјален натпревар ми беше со репрезентацијата против Турција каде што на дебито постигнав два гола и се чувствував прекрасно, нормално на почетокот имав позитивна трема но сето тоа се изгуби кога започна натпреварот. Преубаво искуство во секој случај.
Кога веќе реално се издвојуваше по квалитет од другите на теренот следуваше трансфер во Борец. Колку време помина во Велес?
Поминав една година во Велес заедно со сестра ми и носам многу убави спомени од овој град. Им се заблагодарувам на тогашната управа, моите соиграчи и тренерите за убавиот период кој го минав таму.
Првиот европски дуел го играше со Велешанки. Имаше ли некоја анегдота од тие натпревари на европска сцена. Се дружевте ли и приватно?
Со Борец од Велес во Лигата на шампионите игравме во Литванија со екипите на Евертон, Гинтра и екипа од Фарски острови. Секако дека имавме време и за забави каде што разменувавме многу искуства, раширивме различни познанства од светот на фудбалот.
На Европското во 2010. година во Скопје беше прогласена за најдобар играч на турнирот. Колку ти значеше таа награда во ситуација кога македонскиот женски фудбал сè уште е во развојна фаза?
За мене оваа награда најмногу ми значеше во тој период бидејќи бев прогласена за златен играч на Европското првенство до 19 год. Пред сè затоа што ова признание ми беше отскочна даска за понатамошната кариера.
Следуваше трансфер во Турбине Потсдам. Како дојде до тој трансфер и која е менаџерската куќа која се грижи за твојата кариера?
После Европското првенство следуваше трансфер во Турбине Потсдам, прво отидов на проба неколку дена и одигравме пријателски натпревар против машка екипа, изгубивме 5-2 а јас ги постигнав двата гола и потпишавме заедно со сестра ми Сијче во Турбине. Во моментов имам два менаџери коишто се грижат за мене.
Уште во првата сезона ја освои титулата во Frauen Bundesliga. Како помина прославата на трофејот кој го освојуваше две години по ред? Имаше ли голема еуфорија?
Точно така ја освоивме лигата и чувството беше незаменливо. Непроценливо е кога ќе ја освоиш германската лига, ќе го ставиш медалот на вратот и ќе го подигнеш пехарот во раце како првак. На улиците и по локалите имаше голема прослава, успехот се прославуваше неколку дена. Традиционално германски.
Колку е популарен женскиот фудбал во Германија, колку чини карта за натпревар во однос на машката Бундеслига и по колку навивачи ве бодрат во просек?
Женскиот фудбал во Германија е скоро популарен како и машкиот бидејќи на секој натпревар стадионите се полни. Картите во ВИП ложата изнесуваат 50 евра, а за останатите трибини може да се најде карта од 20 евра. Фудбалот како спорт е многу популарен во Германија, така што и нема голема разлика меѓу машкиот и женскиот. Од коло во коло трибините се полни, Германците знаете и сами дека живеат за фудбалот.
Беше прв стрелец за клубот во Лигата на шампионите и едно време беше рамо до рамо со Кристијано Роналдо на листата на стрелци на УЕФА. Каква е разликата кога се игра првенствен натпревар и натпревар од Лигата на шампионите?
Точно така, на 2 натпревари во Лигата на шампионите постигнав 5 гола и бев прв стрелец и во машка и во женска конкуренција, но за жал повредата ме спречи да го зголемам бројот на голови во ЛШ. Што се однесува до разликата помеѓу домашното првенство и ЛШ, таа е голема бидејќи се игра со различни екипи од сите земји и е многу поинтересно и понеизвесно за натпреварување.
Дојде време за разделба со Потсдам и селидба во студената Шведска? Што чувствуваше кога дозна за понудата за Розенгард и што одлучи да потпишеш за нив?
По 5 год поминати во Потсдам се појави желба кај мене да пробам нешто ново а за тоа имаше неколку екипи заинтересирани. Меѓу нив и Розенгард од Шведска. Бев на лице место пред да потпишам и ја видов целата ситуација во клубот. Се соочив со многу позитивни и добри луѓе, играчи и управа а секако и далеку подобри услови од Потсдам и тоа пресуди да потпишам за Розенгард.
Колку луѓе отприлика одат на стадион на женски фудбал во Шведска?
Просекот на гледачи е отприлика од 4000 до 5000 на секој натпревар.
Играш со славната Бразилка Марта, претходно со Германката Ања Митаг кои се легенди во женскиот фудбал. Може ли од нив да се научи нешто?
Играм со Марта а со Ања играв во Турбине, таа го напушти клубот и замина во ПСЖ во Франција. Од нив може секако многу да се научи, тие две се прекрасни како фудбалерки и личности и задоволство ми е што имам прилика да учам од нив. Добив совети за фудбалот и општо за животот.
Во Германија имаше привилегија да се развиваш во друштво со најдобрите. Како се снајде во Шведска и како те прифатија Скандинавците?
Прифатена сум на највисоко ниво и секој сака да ми помогне во клубот за што побргу да се адаптирам на нивните услови.
Си се запознала ли со некој славен фудбалер или дали можеби се дружиш со колега од машкиот фудбал?
Познавам многу познати машки фудбалери како во Македонија така и во Европа.
Какви очекувања имаш од новата сезона, во која клубот има висока европска цел во Лигата на шампионите?
Јас дојдов во клубот со единствена цел да освојуваме што повеќе титули а секако најголем предизвик за мене е Лигата на шампионите. Клубот е 4-ти во Европа и се подготвува за освојување на Лигата на шампионите.
Каде е проблемот со македонската женска репрезентација, немаме таленти или не се работи доволно за да пркне женскиот фудбал кај нас?
Кај нас најголем проблем е што не се работи како што треба, нема систем. Таленти постојат но пак ќе кажам дека треба многу макотрпна работа од мали години.
Што недостасува кај машката фудбалска репрезентација да се помрдне од петто или четврто место кои стандардно ги освојуваме во квалификациите?
Да бидам искрена, кај машката репрезентација по мене често се менува составот на репрезентацијата. Едни играат сега, после некое време други, така што нема константност. Последниот податок што го читав во последните квалификации биле променети 52 играчи а репрезентација не се прави нон стоп со нови и неискусни играчи. Исто е и во женскиот фудбал каде што многу малку играчи играат во европските лиги.
Машки или женски тренер?
Досега сум работела само со машки тренери. Сепак немам проблем ако тренерот е женски.
Што правиш во слободно време?
Во Германија слободното време го користев за да учам германски јазик и мора да признаам дека го усовршив, а сега истото го правам и во Шведска, за да го усовршам и тој. Англиски зборувам уште од мали нозе. По напорните тренинзи, најчесто гледам филм, се дружам со пријателите, слушам музика и гледам добро да се одморам.
Имаш ли некаков ритуал пред натпреварите?
Верувам во Господ и ме води таа мисла на секој натпревар.
Веќе оствари неколку големи успеси во екипите каде настапуваше. Кој ти е следниот предизвик?
За мене најголем предизвик и мотив е да го освојам и тој трофеј во Лигата на Шампионите. Тоа е сон на секој фудбалер, на секоја фудбалерка, затоа што се работи за врвот на клупскиот фудбал.
Која репрезентација според тебе играше најубав фудбал на женското Светско првенство и која фудбалерка на тебе остави најголем впечаток а која селекција не ја оправда улогата фаворит?
Американките ми оставија најдобар впечаток уште на почетокот и до крајот го оправдаа тоа, по мене најдобари беа Алекс Морган, голманката Хоуп Солo, и секако капитенката, Кристи Рампоне.