Наполи заиграл во Купот на европските шампиони во славната ера со Марадона, па после испаѓал на пенали од Спартак Москва и постојано се мачел да стигне до осминафиналето.
Во ’90-те кога УЕФА го преобрази турнирот во Лига на шампиони, на југот од Италија почна кризата и сиромашниот клуб банкротираше, така што за еврокупови навивачите сонуваа од стадионите во втора па и трета лига.
Кога клубот го презеде познатиот режисер и продуцент Аурелио Де Лаурентис, Наполи се крена од пепелта, почна да носи сериозни фудбалски имиња, да му конкурира на Јувентус за титулата и да биде редовен учесник во еврокуповите од кои заработува многу пари.
Меѓутоа на Наполитанците никако да им појде од рака да се пласираат подалеку од малерозното осминафинале или да пројдат групна фаза.
СЕЗОНА 2011/2012
Првпат Наполи заигра во Лигата на шампиони во сезоната 2011/2012, кога Де Лаурентис ја формираше неверојатната тројка Лавеци-Хамшик-Кавани. Наполи заврши трет во Серија А таа година и обезбеди учество во Лига на шампиони.
А таму им падна пеколна група А, најтешка од сите таа сезона: Баерн Минхен, прескапиот Манчестер Сити и секогаш незгодниот Виљареал. Но Наполи не се предаде, оствари три победи и изгуби само од Баерн во Германија. Со 11 бода заврши втор и се пласираше во следната рунда, пред Манчестер Сити и Виљареал.
Во осминафиналето ги чекаше Челси со привремениот тренер Роберто Ди Матео. Во првиот меч на Сан Паоло, бандата на Валтер Мацари ги растури Англичаните со 3-1 иако можеше да биде најмалку 5-1.
Реваншот беше неверојатен. Челси поведе преку Дрогба (29’) и Тери (47’), но Инлер во 55’ намали на 2-1 и ги зголеми шансите на Аѕурите од Неапол. Така не мислеше Бранислав Ивановиќ кој во 105’ минута од продолженијата ги постави конечните 4-1 и Челси отиде понатаму.
СЕЗОНА 2013/2014
Следната сезона екипата доби шпански шмек и со тренерот Рафа Бенитез играше одличен фудбал.
Толку немаа среќа на ждрепката што овојпат им падна исто пеколно тешка група во Лига на шампиони: Борусија Дортмунд, Арсенал и Марсеј.
Во ситуација кога Марсеј се испостави како недоволно добар за конкуренцијата и на крајот имаше дури 6 порази и 0 бодови, другите три фаворити за пласман завршија со исто бодови.
Апсолутно неверојатно беше што Борусија Дортмунд, Арсенал и Наполи имаа по 12 бода и се случи првпат во историјата на ЛШ една екипа која освоила 12 бода да не пројде група
На крајот се гледаше гол разликата на дадени и примени голови и во таква мини-табела Наполи испадна со гол разлика 10:9.
СЕЗОНА 2016/2017
Следниот пат кога Наполитанците влегоа во групна фаза од ЛШ беше со Маурицио Сари во сезоната 2016/2017. На крајот среќата барем малку ги погледна на ждрепката. Наполи се најде во група со Бенфика, Бешикташ и Динамо Киев па заслужено го освои првото место.
Во Неапол тогаш се исчекуваше ждрепката за осминафиналето. Можеа да им паднат или Порто или Баер или Севиља или Реал Мадрид. И погаѓате кој им падна нели?
Целата приказна ја раскажа Серхио Рамос со два гола на „Сан Паоло“ во Неапол.
СЕЗОНА 2017/2018
Следната година Партенопеите паднаа во група со Манчестер Сити, Шахтјор и Феенорд.
Маурицио Сари кој денес прави чуда со Челси, тогаш беше посветен на италијанската Серија А и го бркаше Јувентус за да го симне од тронот. На крајот таа борба на три фронта им се одрази и Наполи заврши трет во групата зад Сити и Шахтјор.
СЕЗОНА 2018/2019
Актуелната сезона можеби е најболна од сите претходно набројани во Лигата на шампионите.
Наполи, по игра на судбината, падна во најтешката група на континентот: Ливерпул, ПСЖ и Црвена звезда. Но тимот на Карло Анчелоти покажа дека не се плаши од никој. Го победија Ливерпул на „Сан Паоло“, чудесно водеа против ПСЖ на гости во Париз со 1-2 кога во последните секунди од мечот Ди Марија им даде гол и им зема два бода.
Во претпоследното коло Наполи ја совлада Црвена звезда со 3-1 а голот кој го примија од белградскиот тим (го даде Бен Набуан) на крајот го чинеше Наполи испаѓање од Лига на шампиони.
Во последното коло на Ливерпул му требаше макар минимална победа за да оди понатаму а Наполи со реми или победа ќе беше сигурно прв.
Изгубија на „Енфилд“ каде Салах постигна гол (9-ти на Енфилд во Лига на шампиони колку што има само Стивен Џерард), а Аркадиуш Милик имаше нереална шанса во 92’ минута и шутираше директно во голманот Алисон.
На крајот, Ливерпул со дури 3 порази оди во следната фаза само поради тој еден гол повеќе даден од Наполи со кого имаат ист број бодови.
Сликата која ќе им се појавува на сон: