Напнатата битка на Јувентус, Милан и Наполи за ЛШ

Неизвесноста за пласман во елитата остана до крајот на сезоната во Италија и ќе се решава во последните 90 минути. Од пет екипи, спласна на три кои ќе се борат за две места. Милан си го искомпликува животот.

Од Пиоли, Гатузо и Пирло, еден стратег ќе ја заврши сезоната со спуштена глава следниот викенд, вреден пласман во Лигата на шампиони.

Лацио кој беше со теоретски шанси, дефинитивно е во аут и ќе игра во Лига Европа, а гостинскиот триумф на Аталанта викендов и математички им носи место во елитата, каде ќе игра и Интер.

Резултатот кој беше целосно неочекуван во претпоследното коло е ремито на Милан против Каљари. Претходно го попарија Торино 0:7, клуб кој се бори за опстанок, а синоќа не може да му дадат гол на тим кој е со дефинитивен опстанок.

Сега Ибра и другарите кои долго време беа први на табела, па втори ќе се тресат во последно коло, затоа што и гостуваат на Аталанта, каде не се освојуваат така лесно бодови. Јувентус и гостува на Болоња, а Наполи ја пречекува Верона. Она што е евидентно е дека Јуве не зависи само од својот резултат.

НАПОЛИ (76)

Со триумф против Верона, Наполи ќе биде математички трет пред Аталанта или Милан кои нели играат меѓу себе. Во директните дуели подобри се од Аталанта, но не и од Милан. Со Јуве се 2:2, ама во моментов со подобра гол разлика.

МИЛАН (76)

Синоќешните 0:0 на Милан му отворија работа да го освои Бергамо ако сака ЛШ. Така би завршиле втори и пред Аталанта и пред Наполи. Реми може да не им биде доволно, а со пораз би се квалификувале, но само ако Јувентус загуби.

ЈУВЕНТУС (75)

Старата дама е во незавидна положба, бидејќи и со 3 бода против Болоња на гости, може да остане со пласман во Лига Европа, а не во Лига на шампиони. Значи ако победи, ќе мора да се надева на кикс на Милан или Наполи. Има и едно сценарио трите екипи да завршат со 76 бода, кое е многу тешко, ама не е невозможно. Во тој случај Милан е во ЛШ, а меѓу Наполи и Јуве ќе одложува гол разликата која за сега е на страната на Наполитанците.

17 мај 2021 - 14:03