Глазгов Ренџерс има освоено 54 титули од домашното првенство, што е најмногу од било кој друг клуб на светот. Тие имаат освоено и 27 трофеи од Лига купот и 33 од шкотскиот куп, а на седум пати ја имаат освоено и тројната титула во Шкотска, што претставува уште еден светски рекорд. Трофејниот шкотски клуб го освои европскиот КПК во 1972-та година, а во 1961-та година стана првиот британски клуб кој се пласираше во финале на едно европско натпреварување под организација на УЕФА.
Но сите овие трофеи се само историја, а сегашната состојба на клубот ги примора челниците на шкотскиот фудбал да го исфрлат Ренџерс од Премиер лигата.
На денешното гласање претставниците на клубовите не дозволија настап на клубот под ново име. Неодамна Ренџерс беше купен од компанијата The Rangers Football Club Ltd која треба да биде наследник на Rangers Football Club кој е во процес на ликвидација.
Се уште не е познато дали претставниците на клубовите ќе му дозволат на Ренџерс да се натпреварува во Првата дивизија (втора пор ранг лига) или легендарниот шкотски клуб од следната сезона ќе мора да се натпреварува во Третата дивизија, односно четвртата по ранг лига во Шкотска.
Конечната одлука за судбината на Ренџерс ќе биде донесена на 12. јули.
Дури и да биде донесена позитивна одлука, иднината на клубот ќе биде во неизвесност затоа што шкотската федерација неодамна започна истрага за нелегалното финансиско работење на клубот од 2000-та година и им се заканува одземање на петте титули освоени во овој период.
Исфрлувањето на Ренџерс значи згаснување и на големото „Олд фирм" дерби помеѓу Ренџерс и Селтик, но ќе биде погубно и за шкотскиот фудбал воопшто кој веќе долги години е во криза.