Ибра, Кварезма, Пирло, Навас

Најпознати фудбалери со ромско потекло

За Хаџи, Ливерани, Лакатуш, Асењо и Хесус Навас сме слушнале дека имаат ромско потекло, но не и за Неста, Лука, Жињак, Пирло, Гуиза и Кипријан Марика. Овие играчи комотно би играле завршница на Светско првенство со ромска репрезентација.

На кафеанска маса, во маало или низ муабет со пријателите одвреме навреме сме слушнале за ромското потекло на некои познати фудбалери. Обично кога Хесус Навас, некогашниот ас на Севиља а денес во Манчестер Сити ја има топката, се јавува некој поупатен во материјата со податокот дека Навас е шпански Ром. Аналогно некој ќе додаде: „Да, и Стоичков, Хаџи, Ливерани, Аљоша Асановиќ“.
 
Во морето статистики, податоци, бројки и анализи, информацијата за ромското потекло на познатите фудбалери не доспева во преден план.
 
Порталот Romatimes го објави составот на фудбалери од ромско потекло, кои не се двоумеле јавно да зборуваат на оваа тема:
 
Голман би бил фантастичниот Серхио Асењо, кој го чува голот на Виљареал и шпанската репрезентација. Во одбраната, малкумина знаат дека Неста би ја предводел ромската репрезентација. Да, Алесандро Неста, поранешниот капитен на Милан кој во моментов игра во Монтреал. Како бекови би фигурирале десно Банела Николиту и Вилмос Вашнак десно. Николиту е член на францускиот Сент Етјен, а Вашнак е стандарден првотимец на Сион. Емин Нури од шведскиот Калмар би бил партнер на Неста.
 
Со средниот ред би командувал Андреа Пирло, човекот кој отсекогаш ја потенцирал својата национална припадност како Ром. „Да, јас сум Ром од средниот терен“, неколку пати повторуваше Пирло низ разни емисии и портали во Италија. Покрај него, во средниот ред би играле уште и Рикардо Кварезма и Хозе Антонио Рејес, фудбалери со неспорно ромско потекло.
 
Напаѓачи би биле Златан Ибрахимовиќ, Хесус Навас и фудбалерот на Марсеј кој летово замина во Мексико, Пјер-Андре Жињак.
 
Овие 11 од клупата би имале страшна поддршка од првиот голман на шведскиот АИК, Кени Стампатопулос, Предраг Лука од Партизан, одличниот Романец Кипријан Марика од Хетафе, Дани Гуиза од Хетафе, Давид Веирелеш од Дижон, како и Иво Пекалски од Малме.
 
Селектор на селекцијата би бил Христо Стоичков и Георге Хаџи, а во улога на помошник би им бил сегашниот директор во Џенова, Фабио Ливерани кој играше долго за Италија. Ромско потекло имаат уште и Аљоша Асановиќ, човекот кој освои бронза на СП во Франција 1998. година, како и Ерик Кантона, Илија Димитреску, Мариуш Лакатуш и некогашниот капитен на Вардар, Ерол Демир.