Глума, бокс, пак глума, гриз, компилација со глупости и на крај опција за разно кладење на него. Со сите овие гестови и моменти Луиз Суарез ни го полнеше сајтот и на крајот стигна круната од американскиот магазин „Bleacher Report" кој го прогласи за најомразен фудбалер во светот.
Втор на овој непосакуван подиум на кој се најдоа десетмина фудбалери е Џон Тери кој имаше љубовна афера со девојката на репрезентативниот колега Вејн Бриџ. Но тој котира високо на оваа листа пред се поради расистичките навреди упатени кон Антон Фердинанд за кои мораше јавно да се извинува.
И третиот најомразен лик од светот на фудбалот е од Премиер лигата, а тоа е палавиот Џои Бартон од КПР кој вреѓаше колеги на Твитер и предизвикуваше тепачки. Поради насилничко однесување на натпреварот против Манчестер Сити доби суспензија од 12 меча.
Листата со првите петмина од островот ја дополнуваат Ел Хаџи Диуф поради тоа што е познат по плукање противнички играчи, а беше фатен и како вози пијан. Потоа тука е и Ешли Кол кој беше дел од разни скандали.
На шестата позиција е Емре од Фенербахче поради расистичките напади против Дидие Зокора. Седми е Пепе од Реал Мадрид кои често пати прави намерни неспортски фаули за директен црвен картон.
Осмата позиција ја превзема Серџо Бускетс кој е познат и како голем глумец на теренот. Камерите го уловија како ѕиркаше со едното око откако Тијаго од Интер доби црвен картон за време на меч од Лигата на шампионите.
Се разбира дека оваа листа не може да помине без Марио Балотели кој никако да созрее и кој има направено еден куп глупости. На последната позиција се наоѓа Златан Ибрахимовиќ кој со некои гестови демонстрира голема антипатичност.
Ако листава се прошири, слободно може да се најде место и за арогантниот Кристијано Роналдо кој сака да биде над Господ и за Антонио Касано кој беше критикуван поради негативните коментари за хомосексуалците, а беше избркан од Сампдорија затоа што без причина го отера по ѓаволите претседателот на клубот.