Најновата фудбалска надеж на Италија игра во Серија Б и е клон на Пирло

Ретко се смее, ретко покажува емоции на лицето. Исто како Пирло ја има таа флегматична елеганција на теренот а што е најинтересно игра во Бреша, има долга коса и ја покрива истата позиција како Андреа на времето.

Реџиста (италијански збор за режисер - regista) е термин кој се употребува да се опише играчот кој управува со темпото, со ритамот, со организација на нападот. Тој е диригент, метроном, десна рака на тренерот на теренот. Оваа улога може да ја игра само фудбалер со интелект, со добар преглед и мајсторски додавања.

Иако овие играчи ретко се во крупен план и тешко да стигнат до некоја индивидуална награда како „Златна топка“, нив ги ценат многу поради фудбалскиот алтруизам.

Андреа Пирло на почетокот на својата кариера играл како полушпиц, зад напаѓачите а неговиот „клон“ како го нарекуваат Сандро Тонали во Бреша (каде се прослави и Пирло) почнал да игра реџиста на многу порана возраст.

Притоа Тонали е повикан пет години порано во репрезентацијата отколку што му требаше на Маестро Пирло да стигне на тоа ниво.

Во Тонали многумина со носталгија се сеќаваат на Пирло. Ем што игра во ист клуб како Андреа, ем што има иста фризура и долга коса како него, ем што почнува од истиот терен. Што е уште понеобично, Сандро го има и тој инфантилен надворешен изглед каков што имаше и Пирло, а ја поседува и онаа флегматична генијалност на мајсторот.

„Не читам ништо за себе, работам како ништо да не е сменето. За повикот во репрезентацијата (Nazionale) дознав на два часа пред дербито со Верона и ги исклучив емоциите. Играта и обврските се пред се. Не чуствував дека морам да играм подобро од вообичаено. Повикот во репрезентација не е за да ме направи мене подобар, јас секогаш треба да се жртвувам за победа“, рекол Сандро Тонали (19) на почетокот на ноември.

Човекот што го правел интервјуто рекол дека неверојатно колку Тонали не покажува емоции на своето бестрасно лице и колку е ист со Пирло од тој аспект.

„Се насмеа само кога зборуваше како баба му Бјаџа го гледала секој негов натпревар и се слушале секој ден“, вели новинарот Давиде Ѕанели.

***

Првите фудбалски почетоци Сандро Тонали ги имал во академијата на Пјаченца каде учител му бил Лионело Манфредонија. Сандро неколку пати го снимале скаути на Интер, Милан и Фиорентина, но Бреша била најбрза.

Во младинците на Бреша тренер му бил Роберто Баронио. И Манфредонија и Баронио раскажуваат колку е важно за еден талентиран фудбалер да направи прав избор во право време.

Лионело на крајот од 70’ години играл неколку меча за репрезентацијата на Италија, а во 1980-та веќе испаднал од игра и ја изгубил репутацијата.

Баронио почна со Пирло уште во 90-те. Важеше за одличен изведувач на слободни удари и даваше добри долги топки. Тој требаше да стане Пирло во време на Пирло но премина во Лацио од каде се ашкаше по позајмици.

Од септември тренер на Бреша е Еуџенио Корини. Него го сметаа за еден од подобрите „реџисти“ на неговата генерација. На 20 години Корини потпишал со Јувентус во време на Баџо и Хеслер, освои злато на младинско Европско но неколку повреди го спречиле да стане голем играч. Во сезоната 2001/2002 во изборот на Gazzetta dello Sport бил прогласен за најдобар одбранбен играч но тоа веќе не било тоа.

Токму Корини треба од малиот Тонали да направи играч за големи дела (и за големи клубови).

Еуџенио Корини - тренерот на Тонали во Бреша

„Сакам да бидам микс од Гатузо и Пирло со бесот на првиот и класата на вториот“, вели Тонали.

Селекторот на Италија Роберто Манчини јасно ставил до знаење дека прави нова генерација за која ќе биде потребно време. Тој го почуствувал моментот да им се даде шанса на младите таленти.

За Тонали на Апенините се зборува на големо. Веќе сериозни се заинтересирале Јувентус, Наполи, Сампдорија, Интер и Рома, клубови кои добиле „не“ од Бреша.

„За претседателот на Бреша најважно е јас да завршам со школото. Ќе го направам тоа а потоа со цело тело и душа ќе му се посветам на фудбалот“, додава Тонали кој натпреварите со Португалија во Лига на нации на „Сан Сиро“ и пријателската со САД во Белгија, ги преседе на клупата.

Се очекува на првиот следен меч на Аѕурите да добие шанса да го потврди својот потенцијал. А што е поважно, Мино Рајола не му е менаџер.