Најлудиот меч во Премиер лига кој Ди Канио сакаше да го напушти

Стадионот Аптон Парк да може да зборува, денеска ќе го раскаже најепскиот меч кој го преживеал и кој се случи на денешен ден пред точно 18 години. Главни протагонисти: Паоло Ди Канио и младите Франк Лампард и Џо Кол.

Кога последен пат сте гледале натпревар на кој паднале 6 гола за 20 минути или 3 гола на гостите за 6 минути? Тоа ретко се гледа и се случува, затоа вреди да се одбележи.
 
На 12 февруари 2000-та година Вест Хем предводен од Хари Реднап кој во составот ги имаше Ди Канио, Лампард, Џо Кол, Рио Фердинанд, Мајкл Карик и Игор Штимац беше домаќин на Бредфорд.
 
Но наместо еден обичен натпревар на средина од сезоната, се претвори во меч со сценарио напишано од Хичкок за кој потоа се снимаа документарци.

Уште поинтересно е што во лудиот натпревар главен актер беше Паоло Ди Канио со својот препознатлив и жесток темперамент.
 
На големо изненадување на публиката, гостите имаа две водства, прво од 1:2, а потоа и од 2:4 до 65-та минута, да видиш да не веруваш. Но сепак на крај го загубија мечот.

Најголемиот проблем уствари не беше Вест Хем кој го сметаа за апсолутен фаворит, туку ужасниот судија Нил Бери кој не му досуди три чисти пенали на Ди Канио. Тоа толку го разбесна италијанскиот напаѓач до таа мера што не сакаше да игра повеќе.
„Губевме 2:4, судијата не ни призна три пенали врз Ди Канио и во еден момент тој ептен се налути, се приближи до клупа, направи гест дека сака да биде сменет и се дереше како луд „Не играм, не играм“. На крај седна на трева и ги соблече копачките“, раскажува Реднап.

Потоа од трибините се слушна скандирање „Паоло Ди Канио, Паоло Ди Канио“, Тој се предомисли и се врати на терен. По неколку минути беше досуден пенал, Лампард ја зема топката, но Ди Канио му ја грабна од раце. Франк инститираше, но Паоло му се дереше и со сета гнев ја заби топката за 3:4.
 
По само 5 минути игра надежите за победа на Вест Хем се вратија откако Џо Кол го израмни резултатот. Паоло Ди Канио повлече една брза контра од средина на терен, одлично измами двајца свои чувари и му ја даде на Лампард кој биеше неодбранливо за целосен пресврт и победа на домашниот тим.

12 февруари 2018 - 15:43