Стадионите во Бундеслига се преполни, натпреварите се неизвесни и изобилуваат со голови, се повеќе големи имиња сакаат да играат или да бидат тренери во Германија, а како врв на успехот дојде и пласманот на Баерн Минхен и Борусија Дортмунд во финалето од Лигата на шампиони.
Успехот на германскиот фудбал е уште поголем ако се знае и фактот дека тимовите од Бундеслигата располагаат со значително помали финансиски средства во однос на другите лиги.
Колку за споредба, оваа сезона Баерн Минхен и Борусија Дортмунд од ТВ правата и наградниот фонд заработија по околу 25 милиони евра, односно вкупно 50 милиони евра, а последнопласираниот тим од Премиер лигата, Квинс Парк Ренџерс од истиот основ ќари 47 милиони евра.
Следната сезона разликата помеѓу парите во Англија и Германија ќе биде уште поголема. Премиер лигата потпиша нов договор за ТВ правата вреден 5,5 милијарди фунти за 3 години, па така следната сезона шампионот ќе заработи над 100 милиони фунти, а последнопласираната екипа ќе заработи исто колку и Манчестер Јунајтед оваа година, односно околу 60 милиони фунти.